Бабовски реизбран за генерален секретар на WOAX за Европа

 


Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, денес, во Париз е реизбран за генерален секретар на регионалното претставништво на Светската организација за здравствена заштита на животните - WOAH за Европа, со мандат од три години.

Според АХВ, реизборот на Бабовски на позицијата генерален секретар на WOAH за Европа се изврши во рамки на 91. Генерално Собрание на делегати на оваа светски реномирана организација посветена на заштитата на здравјето, благосостојбата на животните и ветеринарните услуги, која годинава одбележува 100 години од основањето и која повторно ја препозна и награди посветеноста на државава, на Агенцијата за храна и ветеринарство и лично на директорот на АХВ Бабовски во креирањето и имплементирањето на високи стандарди во ветеринарната политика.

-Со реизборот на Бабовски на оваа позиција во WOAH, државава, преку АХВ, добива нова можност за директно учество во креирањето на глобалните светски политики во областа на здравствената заштита на животните и јакнење на регионалната позицијата на координатор и иницијатор на соработката на ова поле во регионот, наведува Агенцијата.

Бабовски оцени дека WOAH ги потврдила исправните политики во областа на ветеринарството што досега ги спроведува АХВ.

-WOAH ги потврди исправните политики во областа на ветеринарството кои досега ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство со досегашното учество во Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекуграничните болести кај животните, во Европската комисија за лигавка и шап, учеството во Советодавниот форум на Eвропската агенција за безбедност на храна (EFSA) и мојата лична и институционалната вклученост на Агенцијата во активностите на WOAH, но, пред се во унапредувањето на нашите национални стандарди во областа на ветеринарството, вели Бабовски.

Формирана во далечната 1924 година како Меѓународната канцеларија за епизоотии (ОИЕ), на почетокот на 21 век, соочувајќи се со нов сет на предизвици, од новите болести како птичјиот грип, болеста шап и лигавка, влијанијата на климатските промени врз здравјето на животните, соочувањето со пандемијата од COVID-19 и слични, во рамки на посветеноста на оваа организација кон науката, транспарентноста и светски прифатениот концепт „Едно здравје“, од 2022 година Светската организација за здравје на животните, од поранешно OIE, се ребрендира и ја продолжи работата во унапредување на ветеринарната политика со употреба на неговото целосно име со акроним WOAH.

28.05.2024 - 16:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега