Внимавајте: Грипот досега “удрил“ по 585 лица во земјава
Вкупниот број на заболени од грип во државата од почетокот на сезоната 2013/2014 заклучно со 50-та недела, изнесува 585 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип, соопшти Секторот за контрола и превенција на заразни заболувања при Институт за јавно здравје.
Со симптоми на грип само во 50-та недела се пријавиле 153 лица. Споредено со истиот период минатата сезона (88), бројот на заболени бележи зголемување за 73,9%, а во однос на просечниот број заболени во изминатиот 10-годишен период (32), се регистрираат 4,8 пати повеќе заболени лица.
Во споредба со истиот период минатата година (469), постои зголемување на вкупниот број на заболени лица за 24,7%, а во однос на просекот за истиот период во последните 10 години (139), зголемувањето на бројот на заболени во оваа сезона изнесува 4,2 пати.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, укажува дека во ноември има регистрирано најголем број на случаи со симптоми на грип (289). За првите две недели од месец декември, пак, регистрирани се 214 заболени.
Најголем морбидитет во оваа сезона е регистриран во Подрачната единица Пехчево (34,7/10.000), а најголем број на заболени, 121 на територијата на ЦЈЗ Тетово. Најголем број заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (308), а најголем морбидитет (7/10.000 жители) кај најмладите - децата до 4-годишна возраст:
Во текот на 50-та недела, пристигнати се четири материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и потврдено е присуство на инфлуенца вирус А/Х1 во два материјали, а останатите два се негативни. Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 16 хумани материјали од здравствените установи - од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 5 или 31,2% биле тестирани позитивни на вирусот на инфлуенца А/Х1.
До крајот на 50-тата недела, против сезонски грип се вакцинирани вкупно 23.957 лица и потрошени се 99,9% од набавените вакцини во јавно-здравствените институции кои се овластени за вакцинација против грип.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа