Пауза за протест ја прекина дебатата за Буџетот во македонското Собрание
Собранието на Република Македонија денеска четврти ден по ред ја продолжи расправата по Предлог-буџетот за 2014.
Пратениците од Национална демократска преродба сметаат дека буџетот не треба да биде поддржан затоа што не нуди развој и се заснова на погрешни буџетски политики кои се насочени кон купување на гласови од пензионерите и социјалните категории.
Според Наџи Џелили од НДП, дефицитот ќе биде поголем од планираниот затоа што нема реални изгледи растот, кој е планиран на 3,2 проценти, да биде остварен.
Пратеничката Дешира Имери од ДУИ не се согласи со констатацијата на Џелили дека буџетот е неразвоен и истакна дека во него се опфатени низа проекти кои ДУИ ги имала во изборната програма.
Кенан Хасипи од Демократската партија на Турците посочи дека Владата во изминатите години добро ја менаџирала економијата бидејќи споредено со земјите од регионот, Македонија е во поповолна положба, односно е ниско задолжена, иако треба да се внимава со задолжувањата, а невработеноста за првпат е под 30 проценти.
- Денеска сме сведоци дека и покрај неповолното опкружување, не се реализираа сценаријата за грчко сценарио, туку напротив Македонија има подобри резултати, рече Хасипи.
Според Горан Сугаревски од СДСМ, буџетот за 2014 година е базиран на преголеми казни и глоби, поголеми задолжувања и непродуктивни трошоци.
По барање на пратеничката група на ДПА дадена е пауза од еден час. Тие на секоја седница бараат пауза во знак на протест затоа што нивните излагања на собранискиот канал на МРТВ одат со македонска надсинхронизација
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа