Ѓорчевски: Судот нека донесе одлука па ќе решам дали ќе и се придружам на Вања на оној свет

Во Врховниот суд на денешната јавна седница за жалбата против продолжување на мерката притвор за Александар Ѓорчевски, таткото на 14-годишната Вања, рече дека не му е важно каде ќе ја дочека разрешницата на случајот

 

„Јас сум на два света во моментот. Едното дете се наоѓа тука, другото ми го зедоа. Не ми е битно каде ќе ја дочекам оваа разрешница. Кога ќе се донесе одлуката, ќе донесам лична одлука дали ќе ѝ се придружам на постарата ќерка“, рече тој.

Жалбата до Врховниот суд следува откога скопска Апелација претходно го одби како неосновано барањето за укинување на притворот на таткото на Вања и го потврди решението од Кривичниот суд, со кое му се продолжува мерката притвор за уште 30 дена.

Обвинителката Наталија Тасевска е против тоа таткото на Вања да биде ослободен од притвор.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, правен застапник на Александар Ѓорчевски, бара укинување на неговиот притвор поради тоа што, како што вели, за притворот нема основана аргументација.

„Верувам од првиот ден дека Александар не е виновен и дека сето ова што се случува е голема грешка. Верувам дека Врховниот суд и судиите ќе имаат поинаков пристап од пониските судови за овој осомничен и со внимание ќе ги разгледаат аргументите што одат исклучиво во прилог на осомничениот“, рече Туфегџиќ.

 

13.03.2024 - 14:07

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега