АПИС и АСОМ повторно на протест пред Собранието: „Пратениците со ЕУ знаме ќе го затворат најголемиот приватен работодавец“

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа и Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија повторно протестираа пред Собранието поради законските измени кои тие ги сметаат за скандалозни и протиуставни.

Претставникот на АПИС, Горан Стоименов вели дека одредбите во законот се замо предизборен популизам за задоволување на критичката јавност.

-И покрај сите апели секторот игри на среќа да не станува дел од предизборните калкулации на партиите, денес започнува пленарната седница на која пратениците ќе се изјаснат дали скандалозните и противуставни законски измени ќе бидат испратени на потпис кај Претседателот на Републиката. Одговорно тврдиме дека одредбата за дистанцирање на легалните објекти на 500 метри од образовните институции не се ЗА заштита на младината како упорно се тврди. Напротив, станува збор за чист предизборен популизам кој треба да ја задоволи критичката јавност, додека законот содржи низа други одредби кој се наменети да остварат нечии бизнис интереси, вели Стоименов.

Според него, предлог измените ќе одлучуваат за судбината на 10.000 вработени во секторот игри на среќа.

-Пратениците кои решиле да ги гласаат овие измени нека си го постават прашањето каква заштита може да обезбеди дистанцата кога државата веќе преку четири друштва организира онлајн игри на среќа со кои младите непосредно се изложени на постојан ризик преку достапноста на интернетот во секаде и во секое време? Пратениците кои решиле по секоја цена да ги гласаат овие измени нека се потсетат на скандалот „Детонатор“ кога во Источна Македонија беа запленети 1500 нелегално поставени покер апарати. Кој направил погрешна проценка дека затворањето на легалните објекти, кое неминовно ќе предизвика никнување на диви играчници по подруми како во 1990, носи некому гласови на избори? Зарем во такви услови на безредие младината ќе биде повеќе заштитена? Со гласањето ЗА овие измени пратениците на душа ќе си ги стават судбините на семејствата на 10 илјади вработени во секторот игри на среќа. Илјадници Македонци од економски маки ги напуштаат своите родни огништа и си ја бараат среќата во туѓина. Со гласањето пратениците ќе создадат најмалку 35 илјади нови кандидати за иселеници во западните земји, вели Стоименов.

АПИС го повика и претседателот на државата да не го потпише указот доколку пратениците сепак ги изгласаат законските измени.

-Срамно е да се тврди дека пратениците се залагаат за полноправно членство во ЕУ кога со злоупотреба на тоа знаме со антидемократски и антиевропски манипулации се истуркаа законски измени кои ќе го затворат најголемиот приватен работодавец во Македонија. Ја користиме приликата уште еднаш да најавиме дека немаме намера да молчиме на неправдата која ни се нанесува. Сите надлежни институции треба да бидат свесни дека ќе водиме правни битки, ќе следи иницијатива пред Уставен суд, ќе следат тужби за астрономски отштети кои ќе се прекршат преку грбот на народот.  Како претставници на инвестиции кои доаѓаат од земји членки на ЕУ, општествено одговорни компании кои во континуитет градат партнерски однос со заедницата, го повикуваме Претседателот Стево Пендаровски да опстои на најавата дека нема да го потпише Указот за стапување на сила на овие скандалозни и противуставни измени заради злоупотреба на скратените процедури што ги овозможува ЕУ знамето и опструирање на гласањето на клучен амандман за спасување на вработените. Апелираме до критичката јавност со особено внимание да ги слуша нашите аргументи. Да не потпаѓаат на предизборните манипулации на одредени политички актери. Затворањето на легалните игри на среќа ќе предизвика далекусежни последици кои потоа многу тешко ќе се санираат, рече Стоименов.

07.02.2024 - 12:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега