Георигиева-Трпевски: СДСМ бара оставка од Таравари за хаoсот во здравството

 

Здравствен систем е пред колапс и во тотален хаос: нема лекови на Онкологија, дечиња умираат на Клиниката за детски болести, има недостиг на кадар, повторно има листи на чекања, нема добри здравствени услуги, кажа денеска на прес-конференција, д-р Душанка Георигиева-Трпевски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Само минатата година, за шест месеци, регистрирани се 19 починати доенчиња и едно петгодишно девојче. Ова не се бројки – ова се изгубени животи! Деца умираат поради недостаток на здравствена грижа, поради неодговорноста на надлежните. Нема лекови на Клиниката за Онкологија, луѓе умираат поради неспособност на власта. Ова не е само здравствен проблем – туку хуманитарен, затоа што е директна закана по човечките животи. Животи кои зависат од лековите што државата мора да ги обезбеди, а денес ги нема! Сега дознаваме и дека лицата со хемофилија се во страв – тендерот за нивните лекови не е распишан навреме, и големи се шансите да остануваат без основната терапија која им значи живот!

Листи на чекања за преглед има повторно, пациенти се жалат дека ова станува голем проблем. И работата на Клиниката Козле е доведена во прашање. Се врши мобинг врз лекарите од директорка која по секоја цена ја штитат Таравари и ДПМНЕ, на директна штета на здравјето на децата“ вели Георигиева-Трпевски.

Таа истакна дека на чело на многу клиники се поставени директори без потребното искуство, што дополнително го влошува функционирањето на здравствениот систем.

 

„Има директори кои земаат пари за дежурства, а никогаш не се појавиле на клиника! Оваа катастрофална состојба во здравството не е случајна. Таа е резултат на неспособност и неодговорност на министерот Таравари и Министерството за здравство. Таравари веќе осум месеци раководи со здравствениот сектор, а неговата партија управува со овој ресор веќе две години. Политичкиот континуитет е факт, како што е факт и целосниот колапс на здравствениот систем. Ова не може и не смее да продолжи! Катастрофата во здравството ја плаќаат луѓето со своето здравје и живот. СДСМ бара итна оставка од министерот Арбен Таравари за хаосот во здравството! Бараме одговорност!“, заклучи Георигиева-Трпевски.

02.02.2025 - 15:18

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега