Според Календарот на МПЦ утре се празнуваат овие светители
Преподобен Макариј Велики
Мисирец, еден од помладите современици на Антониј Велики. Татко му беше свештеник. Од послушност кон родителите се ожени, но жена му набрзо умре, а тој се оддалечи во пустина, каде што помина полни шеесет години во труд и во борба, внатрешна и надворешна, за Царството Небесно. Кога го прашаа зошто е толку сув и кога јаде и кога не јаде, одговори: „Од стравот Божји“. Толку успеа да си го очисти умот од злите помисли и срцето од зли желби, што Бог го дарува со изобилен дар на чудотворство, така што и мртви воскреснуваше од гробовите. Неговото смирение ги восхитуваше и луѓето и демоните. Еднаш демонот му рече: „Само во едно нешто не можам да те надвладеам; тоа не е постот, зашто јас никогаш не јадам; не е бдеењето, зашто не спијам никогаш“. „А што е?“, праша Макариј. „Твоето смирение“, му одговори демонот. На својот ученик Пафнутиј Макариј често му говореше: „Не осудувај никого и ќе се спасиш“. Живееше деведесет и седум години. Девет дена пред смртта му се јавија од оној свет Св. Антониј и Св. Пахомиј и му навестија дека за девет дена ќе умре, што и се случи. Уште пред самата смрт му се јави херувим, којшто во видение му го откри блажениот небесен свет, ги пофали неговиот подвиг и добродетели и му рече дека е испратен за да ја земе неговата душа во Небесното Царство. Се упокои во 390 година.
Тропар
Висино која си и за очите ангелски недостижна, деца духовни роди во пустината, ангели надминаа со својата чистота. О, Макарие велики, Божја пофалбо, бестрастие постигнато, благодат врз благодат подарена, силата Христова во тебе вдомена, мртви воскреснуваше, губави очистуваше, и Бога прославувајќи Го, името твое на Небесата се запишуваше. Славен си, Господи, во Своите светии во вечни векови.
Преподобен Макариј Александриски
Роден е во Алкесандрија и најпрво беше продавач на овошје. Се крсти дури во четириесеттата година и замина на подвиг. Најпрво му беше ученик на Свети Антониј заедно со Макариј Велики, а потоа стана игумен на манастирот Келии, меѓу Нитрија и Скитот. Нешто е помлад од другиот Макариј, па подоцна и умре. Живееше над сто години. Мачен од ѓаволските искушенија, особено од искушението на славољубието, се смируваше себеси со претешки подвизи и непрестајна молитва, постојано воздигнувајќи го умот кон Бога. Еднаш еден брат го виде како полни кош со песок, па го носи по ридот и го истура. Братот зачуден го праша: „Што правиш?“ „Го мачам оној што ме мачи мене“ (т.е. ѓаволот). Се упокои во 393 година, на старост над сто години.
Свети Арсениј, епископ Крфски
Го дополни и во сегашниот облик го состави чинот на елејоосветувањето. Се упокои во 959 година. Моштите му почиваат во Соборната црква на Крф.
Свети Марко, архиепископ Ефески
Прочуен по одважното штитење на Православието на Флорентинскиот Собор, наспроти царот и папата. Се упокои мирно во 1452 година. На смртниот одар го молеше својот ученик Георгиј, подоцна славниот патријарх Генадиј, да се чува од стапиците на Западот и да го брани Православието.
Тропар
Храброста твоја, Марко свети исповедниче, смелост пред Бога измоли, да посведочиш дека единствената вистина е самата Вистина подарена, на твојата душа богољубива. Силен факел добивме во тебе и твоите зборови од Духот вдахновени до крајот на времињата, затоа моли се во тоа да останеме, и Христа да Го прославиме, Кој ни е единствен Пат, Вистина и Живот.
Блажениот Теодор
Јуродив заради Христа од Новгород. Пред смртта трчаше по улиците и им викаше на сите: „Проштевајте, патувам далеку!“ Се упокои 1392 година
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа