Советот ги одобри субвенциите за ЈСП Скопје - се чека Синдикатот да каже дали денеска ќе има јавен превоз
Со 25 гласа „За“ Советот на Град Скопје на втората вонредна седница која се одржа денеска ги одобри субвенциите во висина од 11 милиони евра за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ за оваа година.
Неодобрувањето на субвенциите беше причина вработените во ЈСП Скопје да останат без платата за декември. Поради тоа од 9 часот изутрината јавните автобуси прекинаа да сообраќаат по скопските улици.
Сепак, јавниот превоз барем за денеска се уште е доведен во прашање. од Синдикатот на ЈСП велат дека на координативна средба ќе одлучат дали со работа ќе почнат вечерва или сепак ќе чекаат до рано наутро во 4:30 за автобусите да влезат во сообраќај.
Барањето за доделување субвенции овој пат го поддржаа 25 члена на Советот, а немаше советници кои беа воздржани или кои гласа „против“. Оваа одлука беше дочекана со аплауз од дел од советниците.
Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска пред да бидат ставени на гласање амандманите и одлуката за субвенции рече дека на советниците треба да им се даде можност да го посетат ова претпријатие за да можат одблизу да ги видат проблемите со кои тоа се соочува.
-Да видиме со што се соочувате за да можеме да ви помогнеме. За да не ни дојдете пак после еден или два месеца и повторно со истото да се соочуваме, рече Андоновска.
Пред да се гласа за доделување на субвенциите, советниците од ВМРО-ДПМНЕ се обидоа да ги намалат субвенциите на една третина од предвидените преку амандман, но тоа не беше прифатливо за другите советници и за градоначалничката Данела Арсовска.
Според нив, на тој начин ќе има пари за претпријатието само за неколку месеци, а повторно ќе се создаде кризна состојба пред избори, без можност да се доделуваат дополнителни пари.
Градоначалничката Данела Арсовска рече дека луѓето чекаат да биде изгласана оваа одлука, за буџетски средства кои веќе се предвидени во буџетот за оваа намена.
-Жално, срамно. Скопјани не го заслужуваат ова што го правите, рече Арсовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа