Средношколците ќе учат до 10-ти, основците до 17 јуни

Министерството за образование и наука донесе одлука, а која следува по барање на Сојузот на средношколци, учебната 2023/2024 година за средношколците да заврши на 10 јуни наместо на 17 јуни како што беше претходно предвидено со календарот за организација на наставата.

Од друга страна, за основците останува одредбата да учат до 17 јуни, а и едните и другите ќе имаат пролетен распуст од 29 април до 6 мај 2024.

Дополнително МОН треба да донесе одлука како ќе се надоместат двата неработни дена за учениците поради одржување на изборите во среда, 24 април, и во среда, 8 мај, и дали тоа ќе влијае на рокот за завршување на учебната година.

За ова јавноста дополнително ќе биде известена.

-Во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови во основното образование. Во Законот за средно образование не е одредена таа законска обврска за точен број работни денови. Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара освен пролетниот распуст заради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни,  тоа го дозволуваше законот и ние тука постапивме, рече Шаќири денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Тој посочи и дека ќе се разгледа во Влада и прашањето за неработните денови заради изборите.

-Ќе треба да се разгледа како може да се постапи за тие два дена кои се предвидени во календарот на вкупен број денови годишно за реализација на наставата. Ќе известиме навремено кога ќе има владина одлука за тоа, рече Шаќири.

Распустот за основните и средните училишта трае уште два дена и од понеделник, 22 јануари, се враќаат во училишните клупи.

17.01.2024 - 15:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега