Пан Интертрејд: Нема да дозволиме нападите кон нас да го нарушат корпоративниот имиџ и да влијаат негативно на нашите деловни биланси

 

 

Пан Интертрејд ДОО Скопје излезе со соопштение до медиумите каде велат дека во некои медиуми симптоматично се појавуваат нарачани негативни квалификации за нивната компанија, со што се отвора сомнеж дали така се врши суптилен притисок врз комисијата за избор на нов универзален снабдувач.

„Пан Интертрејд ДОО Скопје повеќе години работи успешно на македонскиот пазар, иако се соочуваме со нееднакви услови, каде еден снабдувач има привилегирана позиција и користи државни субвенции, што преставува нелојална конкуренција за сите останати субјекти во секторот. Нашата компанија нема никаква поврзаност со компанијата од Србија која беше спомната во некои медиуми. На јавниот повик учествуваме во конзорциум со ЕДС, компанија ќерка на ППС со вкупен број на вработени од над 12,000 и годишен обрт од 12 милијарди евра. Нашата компанија е веќе подолго време во потрага по меѓународен партнер со кој би можеле да го развиваме бизнисот дополнително, и овој повик го искористивме за формализирање на таа соработка“, наведуваат тие.

Воедно, од Пан Интертрејд велат дека сите шпекулативни конструкции насочени кон создавање перцепција во јавноста дека станува збор за компанија со негативно портфолио, со нарачани прашања насочени кон дискредитација на конзорциумот, ги оценуваат како нечиј паничен страв од јавната аукција, која велат ќе ги извади на виделина причините за повеќе неделната хајка која се води против нивниот конзорциум.

„Со оглед на фактот дека станува збор за компании со меѓународен кредибилитет сакаме да истакнеме дека нема да дозволиме нападите кон нас да го нарушат корпоративниот имиџ и да влијаат негативно на нашите деловни биланси. Доколку оваа нарачана кампања продолжи, нашите правни тимови ќе бидат принудени да преземат соодветни дејствија“, додаваат од Пан Интертрејд.

Оттаму ги упатуваат сите “загрижени” истражувачи да побараат одговори на следните прашања:

•Зошто некој упорно се обидува да спречи конкуренција во понудите? Кој се плаши од намалена маржа?

• Зошто клучните два услова, за работен капитал од 40 милиони евра, и позитивен биланс во последните три години, не постоеја на јавниот повик пред 5 години, и како магично се појавија на овој повик? Дали евентуално причината за тоа беше дека некој тогаш не можеше да исполни ваков услов?

„Конечно, апелираме до дел од медиумите да ги остават надлежните државни институции да одлучуваат исклучиво согласно законот и во интерес на граѓаните и домаќинствата. Евентуално политички мотивирана одлука или избор на нов универзален снабдувач ќе ја стави државата во неповолна положба и под закана од правни спорови и потенцијални високи отштети“, стои во соопштението.

 

15.01.2024 - 15:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега