Зечевиќ не должел пари за данок на УЈП, настаната е техничка грешка
Генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ се огласи по наводите дека должел 11.500 евра на УЈП за данок.
„Тврдењата и информациите објавени дека генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски должи 11.500 евра за данок не се точни и во целост ги демантирам. Сосема спротивно од наведеното, УЈП има донесено Решение за поврат, односно за враќање на повеќе платен данок од моја страна уште на почеток на октомври 2023 година. Очигледно станува збор за техничка грешка во системот на УЈП за евиденција, којшто по грешка го има префрлено податокот во листа на должници наместо во листата на лица кои чекаат поврат на средства токму од УЈП“, објаснува тој.
Зечевиќ додаде и дека фактичката состојба може лесно да се провери директно во Управата за јавни приходи.
„Бидејќи ваквите тврдења и дезинформации внесуваат заблуда кај граѓаните и јавноста, а од друга страна нанесуваат штета на мојот углед и чест бараме овој демант да биде објавен а спорните објави повлечени. Воедно, ве информирам дека веднаш поднесов барање за корегирање на грешката во системот на УЈП. Во прилог можете да го видите Решението на УЈП од 02.10.2023 година кое го потврдува изнесеното во овој демант“, се вели во неговото соопштение.
Во прилог и неговото решение од УЈП.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа