ВИДЕО: Јужнокорејскиот опозициски лидер прободен со нож на прес-конференција
Лидерот на јужнокорејската опозициска Демократска партија, Ли Јае-Мјунг, кој тесно ги загуби претседателските избори во 2022 година, беше избоден со нож во вратот за време на посетата на пристанишниот град Бусан на југоисточниот дел на земјата, по што во свесна состојба беше пренесен во болница, а осомничениот напаѓач веднаш бил уапсен, јавува јужнокорејската новинска агенција Јонхап.
Претставник на Националната универзитетска болница во Бусан, каде што Ли беше однесен околу 20 минути по нападот, рече дека лидерот на опозицијата бил избоден со нож во вратот, но животот не му е во опасност и дека тој бил пренесен со хеликоптер во Сеул откако добил итна помош, каде ќе биде опериран, пишува Ројтерс.
Портпаролот на Демократската партија на Ли, Квон Чил Сеунг, изјави дека југуларната вена на Ли е оштетена, и дека постои ризик неговата состојба да се влоши поради можноста за крварење.
Околу 10 часот и 27 минути по локално време, лидерот на опозицијата беше нападнат од непознат маж и повреден на левата страна на вратот додека одговараше на новинарски прашања по посетата на градилиштето на новиот аеродром во Бусан на островот Гадок.
-Ли паднал на земја со раскрвавена рана на вратот, објавија јужнокорејските радиодифузери. Тој бил пренесен во болница откако на местото на настанот му била укажана прва помош.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа