ВИДЕО: Репортер на српската Н1 нападнат по вклучување во живо од протестите во Белград

 

 

Репортер на српската телевизија Н1 вечерва нападнат за време на известување во живо од протестот во центарот на Белград.

На видеото објавено од телевизијата може да се види како маж два пати пред и по вклучување во живо влетува кон репортерот Младен Саватовиќ.

Пред неговото вклучување се слушнa машки глас кој му довикува на репортерот. По кратка дискусија меѓу новинарот и непознат маж, тој влетува кон Саватовиќ и вика.

Саватовиќ во изјава за својата матична куќа вели дека го прашал што му треба, а тој одговорил нешто поврзано со Н1 БиХ, на што новинарот одговорил дека не е од тој медиум.

-Се вклучив во живо во вестите и го изработев мојот ангажман. Се воздржав колку што можев, бидејќи тоа беше стресна ситуација, а потоа му кажав дека ќе ја повикам полицијата. Тоа беше начин да се справам со некој што ме спречува да ја вршам работата. Вообичаено, во овие ситуации се трудиме да бидеме воздржани, понекогаш проценуваме дека кога ќе се „покажат заби“, дека не си некој што лесно се заплашува, тие ќе се оддалечат. Тоа се ретки ситуации, зашто најчесто граѓаните ни приоѓаат за да ни се заблагодарат за работата што ја работиме, изјавил Саватовиќ.

 

Сепак, според него, овој човек не се откажал од заканите.

„Почна да ми се впушта во лице, да ми се заканува, ме фати и за десната рака. Заминуваше и се враќаше. Овие последни 24 часа беа многу стресни за нас новинарите на терен. Уморни сме. Бев малку ироничен и циничен кон него, но нема оправдување некој да се однесува вака“, вели новинарот.

На видеото може да се забележи и како случајни минувачи се обидуваат да го тргнат напаѓачот.

26.12.2023 - 00:30
Фото: 
Н1

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега