Вања Ѓорчевска (14г.): Исчезната 5-ти ден
Неколку стотини полицајци работат исклучиво на пронаоѓање на 14-годишната Вања Ѓорчевска, девојчето кое 5-ти ден се води како исчезнато. Досега се преземени и прегледани снимки од 50 места каде што имало камери, сите податоци од телеком оператори кои можат да бидат важни, а се сослушани се и лица кои го познаваат девојчето или за кои, полицијата смета дека се битни за истрагата.
Првиот човек на МВР денеска обелодени дека се пребарувало речното корито на Вардар, сите подрумски простории не само во околината, туку и пошироко. Се прибирале информации од цркви и манастири во близина на Скопје.
Во целосна функција е системот „Safe city“, потврди Спасовски. Овој систем е во можност да регистрира движење на возила и препознавање на регистарски таблички, но во моментов нема капацитет за препознавање на лица.
Мајката на Вања денеска во телефонски разговор за Сител потврди дека активно работи со полицијата за пронаоѓање на нејзината ќерка, која од почетокот на работната недела се води за исчезната.
Во понеделникот во 7.20 часот Вања го напуштила домот за да оди на училиште, но откако не се појавила, класната ја известија мајката за отсуството на нејзината ќерка. Мобилниот на девојчето станал недостапен, а според кажувањата на мајката, сигналот од телефонот на Вања последно бил регистриран на булеварот Партизански одреди наспроти Универзалната сала.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа