Американски воен авион се урна во близина на брегот на Јапонија
Авионот на американската армија, во кој имало осум лица, паднал денеска во океанот во близина на јапонскиот остров Јакушима, соопшти јапонската крајбрежна стража, пренесува агенцијата Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.
Портпаролот на јапонската крајбрежна стража изјави дека нема дополнителни информации за инцидентот, што значи дека нема информации за состојбата или безбедноста на луѓето на бродот „V-22 Osprey“.
Агенциите јавуваат дека несреќата се случила околу 14 часот и 47 минути по локално време.
Граѓаните пријавиле дека се запалил левиот мотор на авионот и дека леталото паднало во морето, јави јапонската телевизија „МБЦ“.
Портпаролот на американските сили во регионот објави дека е во тек процес на собирање информации за инцидентот, пренесува Ројтерс.
„V-22 Osprey“, произведен од американските компании „Bell“ и „Boeing“, е повеќенаменски воен авион кој може да слетува и полетува вертикално. Создаден е од потребата да се комбинира функционалноста на конвенционалните хеликоптери со долгиот дострел и брзината на авионот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа