Северна Македонија има важна улога како стабилизирачки фактор во регионот, порача Османи
Северна Македонија има важна улога како стабилизирачки фактор во регионот. Ние сме функционална мултиетничка демократија и водиме преку личен пример, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи пред почетокот на состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел.
Случувањата во регионот на Западниот Балкан, посочи Османи, ќе бидат една од темите на денешниот министерски состанок на НАТО.
- Верувам дека ова е најдобар начин за решавање на предизвиците со кои регионот се соочува, преку координиран пристап и синергиска акција, со верба дека само забрзана европска и евроатлантска интеграција на регионот е лек за проблемите на регионот, изјави Османи.
Османи, потсети дека Северна Македонија, беше домаќин на ЕУ дијалогот меѓу Србија и Косово што резултираше со договорот од Охрид, кој е основата за сеопфатен договор, како и дека неодамна Скопје беше домаќин на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и НАТО лидерите од регионот, кои разговараа за безбедносните прашања во регионот, како и дека преку претседателството со ОБСЕ сме вклучени во решавање на предизивиците.
- Сакам да го поздравам првиот НАТО – Украина совет. Ќе продолжиме со поддршката за Украина, колку што ќе биде потребно. Исто така, ми претставува задоволство што ќе ги почнеме разговорите за подготовка за самитот во Вашингтон следната година, порача Османи.
На заседанието на Северноатлантскиот совет на министерско ниво, под претседателство на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, покрај шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата ќе присуствува и нивниот колега од Шведска, земја која е во процес на зачленување во Пактот. Меѓу главните теми за дискусија на состанокот, се очекува, да бидат конфликтот на Блискиот Исток, состојбата во Украина и случувањата во регионот на Западниот Балкан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа