Асани: Меѓуинституционална соработка во ЗБ и целосна дигитална трансформација за олеснување на трговијата
Целосна дигитализација на царинското работење и соработка меѓу граничните институции на ниво на Западен Балкан се заклучоците од дводневната конференција организирана од страна на Царинската управа на Албанија со поддршка на ГИЗ на која учествуваше заменик директорот на Царинската управа, Муарем Асани.
Како што информираат од Царинската управа, на конференцијата е заклучило дека целосната дигитализација на царинското работење е од голема важност за олеснување и забрзување на легалната трговија и подобрување на конкурентноста на компаниите на меѓународниот пазар. За таа цел, потребно е унапредување на соработката меѓу граничните институции на ниво на Западен Балкан, како чекор кон приближување и приклучување кон заедничкиот пазар на ЕУ.
Претставниците на царинските управи во Западен Балкан и Молдавија пред бизнис заедницата го истакнале значењето на дигитализацијата и соработката меѓу владините агенции за побрзи и поефикасни процеси на царинење.
На средбите Асани се осврнал на проектот за имплементација на новиот Национален едношалтерски систем, што како што рекол, целосно ќе го трансформира начинот на прекуграничната трговија, овозможувајќи побрзи и поефикасни процеси на царинење „под еден покрив“.
- Проектот за имплементација на новиот Национален едношалтерски систем ќе придонесе за намалување на времето за царинење, намалување на трошоците за компаниите и зголемена наплата на приходи, истакнал Асани.
На конференцијата било посочено дека зголемувањето на соработката на институциите во рамки на Западен Балкан овозможува целосно искористување на поволностите за компаниите со статус на овластен економски оператор, односно побрзо и полесно поминување преку границите, како и намалени контроли.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа