(Видео) Ракетен напад врз Израел: Експлозии се слушаат во околината на Тел Авив и Ерусалим, прогласена е воена состојба
Најмалку две лица се ранети, а едно лице загина во ракетен напад што утринава беше извршен од Појасот Газа врз јужен и централен Израел.
Сирените за воздушен напад се огласија рано утринава во јужните области на Израел околу Газа и во пошироката област на Тел Авив.
Експлозии можеа да се слушнат во градовите околу Тел Авив и околу Ерусалим.
Одговорноста за нападот ја презеде палестинската милитантна исламистичка група Хамас.
Воениот командант на Хамас, Мухамед Ал-Деиф денеска ја најави операцијата „Бура Ал Акса“ и изјави дека палестинската милитантна група гаѓала непријателски позиции, аеродроми и воени позиции со 5.000 ракети.
Израел прогласи воена состојба како одговор на нападите.
„Одреден број терористи се инфилтрираа на израелска територија од Појасот Газа. Израелските одбранбени сили ќе ги бранат израелските цивили, а терористичката организација Хамас ќе плати висока цена за овие напади“, соопшти израелската армија.
„Џерусалим пост“ пренесува дека 70-годишна жена, ранета во нападот, во критична состојба била пренесена во болница, каде што починала.
Службите за итни случаи соопштија дека превезувале маж кој останал заробен во урнатините по директен удар на ракета во централен Израел. Пријавено е и дека маж (20) се здобил со умерени повреди во Јавне.
Министерот за одбрана Јоав Галант е на пат кон воениот штаб во Тел Авив поради силен ракетен истрел од Појасот Газа, соопшти утринава неговиот кабинет.
Галант и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наскоро ќе одржат состаноци со највисоките безбедносни претставници, соопштија нивните канцеларии.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа