ФИФА ја укина суспензијата за руските репрезентации до 17 години
ФИФА тргна по стапките на УЕФА и ја укина денеска суспензијата која беше на сила за настап на руските фудбалски репрезентации до 17 години на меѓународните натпреварувања во машка и женска конкуренција.
„По одлуката која ја донесе УЕФА на 26 септември 2023 година повторно да им дозволи учество на руските У17 репрезентации во женска и машка конкуренција, Советот на ФИФА одобри проширување на оваа одлука за ФИФА Светското првенство до 17 години за момчиња и девојчиња“, објави вечерва светската куќа на фудбалот.
Репрезентациите ќе настапуваат под името „Фудбалска унија на Русија“, а не под државното име, а на екипите нема да им биде дозволено да носат опрема со национални обележја, без истакнување на руското државно знаме и без интонирање на државната химна.
Суспензијата за руските сениорски фудбалски репрезентации во машка и женска конкуренција остануваа на сила, откако беше воведена поради руската инвазија врз Украина која почна во февруари лани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа