Косовската претседателка за Си-Ен-Ен: Меѓународната заедница треба да воведе санкции кон Србија

 

Косовската претседателка Вјоса Османи за Си-Ен-Ен изјави дека Косово е нападнато и дека меѓународната заедница треба да воведе санкции кон Србија, како што велат, за да не се повтори анексијата по линијата на Крим.

Османи во интервју за Кристијана Аманпур, која вчера разговараше со српскиот претседател Александар Вучиќ, цело време инсистираше на агресија на Србија кон Косово.

Таа рече дека Косово нема потврда за повлекување на српската војска од административната линија.

„Работиме заедно со сојузниците за да добиеме потврда за повлекувањето. Многу е важно да се подвлече дека Косово се соочува со без преседан безбедносен предизвик, а тоа е агресија. Имавме јасен акт на агресија од Србија. Тоа беше спроведено од паравоени формации. Таа агресија беше подготвена, со цел анексија по линијата на Крим“, тврди Османи, додавајќи дека Косово успеало да ја спречи со своите сојузници, пренесува Косово онлајн.

Таа ја обвини Србија дека има намера дополнително да го дестабилизира Косово, за да му овозможи на рускиот претседател Владимир Путин да отвори нов фронт во Европа.

„Нема да го дозволиме тоа. Тој обид треба да се запре со санкционирање на Србија. Ако нема санкции, Србија ќе биде охрабрена да продолжи со насилството, не само кон Косово, туку и кон другите во регионот“, вели таа.

Тврди дека Косово има докази кои ја потврдуваат поврзаноста на Србија со настаните во Бањска.

„Имаме јасни видео докази за обука во Србија организирана од српските вооружени сили. Оружјето што го запленивме не е оружје што може да го добијат обичните граѓани, туку само армијата“, додаде таа.

Османи побара и Србија да го екстрадира Милан Радоичиќ и другите кои учествувале во насилствата во Бањска.

Таа најави дека Косово ќе објави докази за „директна наредба што дошла од Вучиќ“.

На прашањето дали Косово ќе формира Заедница на српските општини, на што инсистира меѓународната заедница, Османи повтори дека Косово е нападнато и е жртва на агресија.

„Прво сакаме Радоичиќ и другите да бидат екстрадирани на Косово. Имајќи го предвид досегашното искуство, Србија тоа нема да го направи. Во дијалогот има само една конструктивна страна, а тоа е Косово, кое спроведе 99 отсто од сите свои обврски“, рече Османи.

Таа нагласи дека Косово бара фер и избалансиран пристап во дијалогот, што го немало, па во тој процес овој недостаток ја охрабрил Србија да дејствува на агресија.

03.10.2023 - 22:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега