Телекомуникацискиот оператор МТЕЛ е нов спонзор на КК МЗТ Скопје Аеродром

 

На прес-конференција која денеска се одржа во спортскиот центар „Јане Сандански“ официјално беше потпишан договор за спонзорство помеѓу телекомуникацискиот оператор МТЕЛ и Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром. Договорот го потпишаа генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ и извршниот директор на КК МЗТ Скопје, Филип Ѓоревски. На настанот присуствуваа и свое обраќање имаа градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и директорот на Телеком Србија, Владимир Лукиќ.

Станува збор за партнерство и соработка кои се однесуваат за претстојната 2023-2024 сезона и воедно се потврда за квалитетот и досегашните успеси на МЗТ Скопје Аеродром, но и поддршка која ќе донесе уште многу национални и меѓународни победи и спортски успеси на плаво – белите херои.

Градоначалникот Муцунски се заблагодари за поддршката која телекомуникацискиот оператор МТЕЛ ја дава со ова спонзорство, упатувајќи благодарност и до играчите, навивачите и целиот стручен тим на МЗТ Скопје Аеродром кои се движечката сила за сите победи и успеси на клубот.

„Инвестирањето и поддршката на МЗТ Скопје не е само поддршка во овој клуб, тоа е поддршка генерално за спортот на локално ниво, за градење нови спортски таленти и инвестиција за вредностите што МЗТ Скопје ги споделува, генерално инвестиција за цел Аеродром„, истакна Муцунски во своето обраќање.

Генералниот директор на Телеком Србија, на настанот изрази особено задоволство што добрите практики на поддршка на вредности, кои ги споделува компанијата со корисниците, како што е спортот, кои компанијата и нејзината фирма ќерка, МТЕЛ ги практикуваат во сите земји каде што се деловно активни, ги пренесуваат и во своето работење во Македонија.

Директорот на МТЕЛ Марко Лопичиќ истакна дека со поддршката за КК МЗТ Скопје, МТЕЛ ја продолжува традицијата на континуирана поддршка на спортот негувана од сите членки на Телеком групацијата.

„Горди сме што како компанија имаме можност, но и големо задоволство да бидеме дел од успешната приказна на КК МЗТ Скопје. Среќни сме што ја продолжуваме традицијата на нашата компанија во рамки на своите можности да ги поддржиме спортските клубови, а преку тоа да придонесеме кон поздрава и поактивна младина, што во денешницата е од особена важност“, нагласи Лопичиќ на денешната прес конференција.

Извршниот директор на МЗТ Скопје Аеродром, Филип Ѓоревски потенцирајќи дека станува спонзорство кое треба да прерасне во долгорочна соработка потенцираше дека потпишувањето на договорот е уште доказ дека клубот е на вистински пат, препознатлив бренд не само во Македонија туку и пошироко во регионот.

„Верувам дека ќе ја оправдаме довербата и дека ова е само почеток на една подолгорочна соработка помеѓу субјекти кои се лидери во својата бранша. Помошта и тоа како ќе ни биде добредојдена, со оглед што и оваа сезона нашите амбиции се највисоки, односно атак на врвот во секое од натпреварувањата во кои ќе настапуваме“, изјави директорот на МЗТ Скопје Аеродром, Филип Ѓоревски на денешниот настан.

26.09.2023 - 14:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега