Средба Османи-Бербок: Германијa е наш најгласен поддржувач на европскиот пат

 

Во рамки на учеството на 78-то Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, денес министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари билатерална средба со министерката за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок.

 

Министерот Османи се заблагодари за гласната поддршка за пристапниот процес на Република Северна Македонија во ЕУ, изразена преку низа чекори како, тнр. „германски“ предлог, клучната политичка основа преку која се создаде денешниот европски пакет за нашите европски интеграции, и усвоената Резолуција во германскиот Бундестаг, со која се реафирмираат македонскиот идентитет и јазик на патот на нашата земја кон Европската унија.

 

“Ваквиот чекор е уште еден чин на поддршка на пријателска Германија на европската иднина на нашата земја и дополнителна гаранција на идентитетските прашања на Северна Македонија, кои се веќе признати од страна на Европската унија“ – додаде министерот Османи.

Бербок упати пораки на поддршка на евроинтегративниот процес на нашата држава, и признание за постигнатиот напредок во исполнувањето на преговарачката рамка. Оцени дека со отворањето на поглавјата, нашата позиција кон ЕУ станува сé посилна, воедно уверувајќи дека германската поддршка на нашиот европски пат ќе продолжи и во иднина.

 

Двајцата министри изразија задоволство од развојот на одличните односи меѓу двете пријателски земји, кои оваа година одбележуваат јубилејни 30 години од воспоставување на дипломатските односи, како и уверување дека и во иднина ќе продолжат посветено да работат на унапредување на македонско-германското партнерство.

 

Беше заемно поздравена соработката во областа на економијата, чија динамика во континуитет бележи нагорен тренд на раст. Германија е клучен економски партнер во вкупниот развој на Северна Македонија и подолг период е најголем трговски партнер и помеѓу поголемите странски инвеститори во земјата – констатираа министрите.

 

Двајцата соговорници разменија мислења и во однос на актуелните политички и безбедносни состојби во земјите од Западен Балкан, а дискутираа и за соработката и предизвиците во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023.

20.09.2023 - 18:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега