Синдикатот на МИА го потсетува Ковачевски за ветувањето за покачување на платите на вработените во агенцијата

 

Синдикатот на Медиумски Информативни Агенции (СМИА) бара од Владата на наредната седница да ја стави и усвои точката за зголемување на бодот и усогласувањето на платите на вработените во МИА.

Во писменото соопштение, Синдикатот го потсетува премиерот Димитар Ковачевски на неговото ветување дадено во неодамешното интервју за државната новинска агенција, оти барањето за покачување на платите на вработените ќе биде ставено на дневен ред на владина седница.

„Во интервјуто дадено на 6 август, премиерот нагласува дека исклучително ја цени улогата и значењето на државната МИА и дека очекува прашањето за усогласувањето на платите на вработените да се реши брзо, на некоја од наредните владини седници. Од тие причини, бараме на следната седница, Владата да ја разгледа и и да ја усвои точката за зголемување на бодот и дополнително да се усогласи со покачувањето според Општиот колективен договор“,наведува во соопштение СМИА.

Менаџментот на МИА бара покачувањето на бодот да биде 6,7 проценти, додека Синдикатот бара зголемување за 30 проценти како што тоа е направено во Министерството за финансии, УЈП, Царината. Ваквото барање, велат од Синдикатот, се темели на фактот што поради потпросечните плати, МИА се соочува со одлив на кадар.

За ваквото барање, потсетуваат од Синдикатот, не се потребни дополнителни средства од државниот Буџет бидејќи средствата се обезбедени во буџетот на МИА.

„Како Агенција која еден дел од средствата ги обезбедува од Буџетот, а согласно потпишаниот Општ колективен договор за јавен сектор, би сакале да потсетиме и на одредбите од ОКД дека за вработените во јавниот сектор во септември ќе има зголемување на платите за 10 проценти“,посочуваат од СМИА.

Вработените во МИА, кои изминатиов период протестираа пред просториите на Агенцијата со барање Владата да ја донесе одлуката за покачување на нивните плати, на 8 август информираа дека го ставаат протестот во мирување, но предупредија дека ако ветувањето на премиерот не биде исполнето на наредната владина седница, ќе стапат во штрајк и нема да продуцираат вести.

26.08.2023 - 12:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега