Мицкоски: Германија останува силен поддржувач на Македонија
На маргините од првиот ден на таканаречениот „Берлински процес" кој се одвива во Сојузна Република Германија премиерот на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во интервју за Македонската Телевизија ги истакна впечатоците од бројните средби со политичарите учесници на настанот.
Тој средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц ја оцени за доста продуктивна и потврди дека Германија останува наш силен и активен поддржувач.
Пораката која што овде во Берлин стигна до мене е дека Германија останува наш силен поддржувач, сојузник и партнер во процесот на евроинтеграциите, истакна Мицкоски кој додаде дека истата поддршка беше реафирмирана и од другите лидери на Влади и политички лидери кои учествуваат во процесот.
Премиерот на македонската Влада од Берлин посочи дека пред присутните ги презентирал и приоритетите на владата.
„Ова беше добра можност да ги преставиме нашите планови во делот на економијата и во делот на нашата амбиција да бидеме раскрсница на Балканот, во смисла на тоа да бидеме раскрсница на енергетските текови, патната инфраструктура и железничката инфраструктура, бидејќи и природно и географски, ние сме таа раскрсница на 2 важни европски коридори, коридорот 8 и коридорот 10.“, истакна Мицкоски.
Во делот на енергетиката премиерот Мицкоски истакнал дека целта е да стане државата потполно енергетски независна.
„Наша политичка, но и економска цел е до 2026та година да произведуваме онолку домашно количество на електрична енергија, колку што и ќе трошиме, односно да бидеме 0 увозници на електрична енергија, а до 2027година со реализирање на проектите на овој план и да бидеме извозници, изјави премиерот Мицкоски. Во разговорите на берлинскиот процес Мицкоски го отвори прашањето и за евроинтегративните процеси на државата.
Во делот на евроинтегративните процеси уште еднаш ќе го потенцирав ставот на владата дека премногу имаме, и како народ и како држава во изминатите децении дадено и дека заслужуваме шанса да ги почнеме процесите безусловно, дека заслужуваме да ги отвораме поглавјата и да ги покажеме нашите капацитети за тоа колку бргу ќе ги затвораме.
Притоа останувам подготвен да разговарам со било кого за да изнајдеме решение кое што ќе значи на долг рок вистинско решение со јасен крај, а крајот треба да биде членство на Македонија во рамките на Европската Унија.“, изјави од Берлин премиерот Христијан Мицкоски.
За средбата со канцеларот Шолц, Мицкоски посочи дека таа беше исклучително корисна, пријателска и искрена.
На средбата беа разменети позиции и ставови поврзани по овие, но и по останатите геостратешки прашања коишто се важни за македонските граѓани.
„Ние, не водиме дипломатија на свиткана кичма, туку водиме дипломатија којшто се темели на аргументи. Не водиме дипломатија со која ќе прифаќаме се што ќе ни биде поставено на маса, туку водиме дипломатија во којашто ќе ги браниме интересите на нашите граѓани на нашата татковина, а истовремено и ќе работиме со нашите партнери.
Германија е наш најголем поддржувач, наш партнер и убеден сум дека заедно ќе можеме да ги надминеме сите оние предизвици коишто се исправени пред нас и дека ќе се радуваме конечно на членството на нашата татковина во рамките на Европската Унија.“, изјави премиерот Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа