Ковачевски, Османи, Маричиќ и Агелер на вечера со Габриел Ескобар
Премиерот Димитар Ковачевски, шефот на дипломатијата Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ вечерва беа на работна вечера со амбасадорката на САД, Анџела Агелер и заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Засега нема детали од работната вечера во Клубот на пратеници. Османи објави три фотографии и кратко напиша: „Работна вечера со Габриел Ескобар“.
За утре е закажана заедничка прес-конференција на Ковачевски и Ескобар во 10:45 во Влада. Според најавите, американскиот дипломат треба да се сретне и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Стејт Департментот за Гласот на Америка на македонски јазик изјави дека Ескобар се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери.
„Ескобар патува во Северна Македонија за да разговара за билатерални и регионални прашања и да продолжи да го зајакнува нашето партнерство со ценет НАТО сојузник. Тој се надева на продуктивни и заеднички дискусии со владините лидери за време на неговата посета, особено поврзани со идната интеграција во ЕУ и долгорочниот просперитет на Западен Балкан“, се вели во изјавата на портпарол на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа