Во вторник ќе се знае дали Македонија ќе добие патоказ за преговори или потешки услови

 

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, на состанокот на Советот за општи рбаоти (ГАК) што во вторник попладне ќе се одржи во Брисел, ќе одлучат дали Македонија ќе добие патоказ за иден почеток на преговорите за членство во Унијата или уште потешки услови во евроинтегративниот процес.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на денешниот состанок на амбасадорите на ЕУ-земјите во рамки на т.н. “КОРЕПЕР”-група, предлог-заклучоците за нашата земја одат од една до друга крајност, па токму затоа заклучокот што за Македонија ќе го изгласа Европскиот совет на Самитот на 19 и 20 декември е оставен да го донесат шефовите на дипломатиите.

- Ова прашање ќе биде оставено за министерскиот совет и иако на состанокот на амбасадорите во рамки на „КОРЕПЕР”-групата имаше дискусија, но јасно е дека заклучокот е оставен на министрите за надворешни работи, кои ќе одлучуваат во вторник попладне - вели висок извор од ЕУ во изјава за МИА.

Иако денеска по средбите со амбасадорите на ЕУ-земјите и со високи преставници на Унијата, македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Фамтир Бесими потврди дека за Македонија нема консензус да добие датум за пристапни преговори, последниот драфт-заклучок преговаран од “КОРЕПЕР” за нашата земја, кој го доби дописникот на МИА од Брисел, препорачува “Европскиот совет да се врати на препораката за отворање на преговорите со Македонија на следниот Самит во јуни 2014 година”.

Она што сегашниот предлог-заклучок за нашата земја го содржи има четири параграфи, при што во последниот, доследно се вели:

- Советот силно ја дели проценката на Еврокомисијата дека политичките критериуми продолжува доволно да се исполнуваат и ја нотира препораката на Комисијата за отворање на пристапните преговори со БЈР Македонија. Со цел можна одлука на Европскиот совет за отворање на преговорите со БЈР Македонија, Советот ќе се врати на прашањето во 2014 година, врз основа на ажурирање од страна на Комисијата за понатамошното имплементирање на реформите во однос на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), вклучително и имплементација на политичкиот договор од 1 Март и суштинските чекори за промовирање на добрососедски односи и да постигне спогодбено и взаемно прифатливо решение за прашањето за името, се наведува во клучниот предлог-заклучок на Советот за нашата земја.

Во предлог заклучокот, параграф 3 за Македонија, а пред предлогот а можно отворање на преговорите во 2014 година, се предлага следното:

- Како што е утврдено во заклучоците на Европскиот совет од јуни 2008 година и заклучоците на Советот за општи работи и Советот за надворешни во декември во 2008 година, одржување на добрососедски односи, вклучувајќи договорно и заеднички прифатливо решение за прашањето за името, под покровителство на Обединетите нации - останува од суштинско значење. Постои потреба да се донесат долготрајните разговори за прашањето за името до дефинитивен заклучок, без одлагање. Советот ги зема предвид последните контакти со посредникот на ОН, а во светлината на целокупната важност за одржување на добрососедски односи, Советот го забележува продолжувањето на контактите на високо ниво меѓу Македонија и Бугарија и очекува нивно преведување во конкретни акции и резултати - се вели во овој предлог-заклучок.

Во првиот параграф од сегашниот предлог-заклучок, кој е донесен на барање на Бугарија и Грција, но се очекува да биде променет на Советот за општи рбаоти (ГАК) на интервенција на министрите на земите-пријатели на Македонија, пак, се наведува дека “Советот забележува дека политичката криза што следеше настаните во парламентот кон крајот на минатата година предизвика длабоки поделби меѓу политичките партии што влијаеше на функционирањето на парламентот и покажа потреба за конструктивна политика во национален интерес”.

Во продолжението на овој параграф се наведува: - Советот  нагласува дека продолжувањето на имплементацијата на политички договор 1 Март е клучот. Советот го поздравува фактот што на агендата на ЕУ останува стратешки приоритет на земјата и дека направи понатамошен напредок во подобрување на способноста за преземање на обврските од членството. Советот, исто така, го поздрави придонесот на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) за напредување во повеќето приоритетни области, вклучувајќи го и елиминирањето на судскиот застој и во борбата против корупцијата - се вели во овој параграф од предлог-заклучокот.

Последниот предлог-заклучок, а во овој формат параграф 2 за Македонија, а во однос на проширувањето пак, се наведува дека Советот ја нагласува важноста на ефективна имплементација и спроведување на постоечките правни и политички рамки.

- Посебно внимание треба да се посвети на владеењето на правото, вклучувајќи ја и независноста на судството и постигнување на понатамошни резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Слободата на изразување и општата состојба на медиумите исто така остануваат прашања од интерес. Преглед на Охридскиот рамковен договор, пак е особено важен за меѓуетничките односи и тоа мора да се заврши и неговите препораки да се спроведат. Стратегијата за Ромите треба проактивно да се имплементира. Замаглување на дистинкцијата меѓу државата и партијата треба да се реши, како што е нагласено од страна на ОБСЕ/ОДИХР во изборниот контекст. А, високате стапка на невработеност треба да се реши, а управувањето со јавните финансии зајакнато - се вели во овој предлог-заклучок.

Високите извори на ЕУ, за МИА потврдуваат дека ќе има измени во овие предлог-заклучоци и дека нешто ќе биде дополнето, нешто изоставено, со цел да се дојде до избалансиран и праведензаклучок во однос на Македонија. Она што е сигурно е дека земјата сигурно нема да добие датум за преговори, но можно е да се даде посилен патоказ, иако Грција и Бугарија инсистираат на пожестоки услови со цел земјата да нема брз евроинтегративен напредок.

Во исто време, во однос на Србија е речиси сигурно дека ќе добие “зелено светло” од Советот иднито месец и официјално да ги почне пристапните преговори за членство, преку формирање на меѓувладина конференција со ЕУ, додека за Албанија се кршат копјата и исто така во вторник, на состанокот на Советот за општи работи, ќе биде познато дали ќе добие кандидатски статус. 

13.12.2013 - 16:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега