Поради горештините во Иран, утре и задутре ќе бидат неработни денови
Владата на Иран ги прогласи среда и четврток за неработни поради „досега невиден“ топлотен бран, имајќи предвид дека температурите во повеќето делови на земјата достигнаа повеќе од 40 степени Целзиусови, јави ДПА.
Филијалите на банките, судските и правните канцеларии ќе бидат затворени, а испитите и фудбалските натпревари ќе бидат откажани. Болниците се во состојба на готовност.
Метеоролошката служба предупреди дека постои ризик од загаденост на воздухот и песочни бури на југот од земјата, каде оваа недела се очекува температурите да бидат над 50 Целзиусови степени.
Во курдскиот град Дивандаре, жителите вчера излегоа на улиците за да го изразат своето незадоволство затоа што им било прекинато водоснабдувањето.
Голем дел од Иран, земја со речиси 90 милиони жители, е пустина. Научниците со години предупредуваат на се почести суши во регионот, кој е особено тешко погоден од последиците од климатската криза.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа