Вугринец не ги исполнува условите да игра за Македонија?
Ренато Вугринец и Немања Прибак се најдоа на списокот на играчи за ЕП на списокот на селекторот на македонската ракометна репрезентација Ивица Обрван. Сепкак токму името на Вугринец недостасуваше во списокот на објавени играчи на официјалната веб страница на шампионатот, каде беа објавени пошироките состави на сите репрезентации.
Ваквото нешто предизвика дилема во јавноста зошто ракометарот на Металург го нема во поширокиот состав на Македонија.
Некои од словенечките медиуми претпоставуваат дека во правилникот на ЕХФ стои дека еден ракометар покрај тригодишното неиграње за матичната држава мора да живее најмалку две години во земјата во која што сака да добие „зелено светло“ за да игра, што не е случај со Вугринец.
Тој во нашата земја пристигна во септември 2012 година кога од Марибор премина во Металург.
Сепак, од РФМ велат дека нема никаков проблем, туку се чека официјална потврда од ЕХФ, по што европската куќа на ракометот ќе го вметне Вугринец во поширокиот список на македонската репрезентација.
-Не станува збор за никаков превид, Вугринец беше дел од списокот што го испративме до ЕХФ и само прашање на време е кога тој ќе биде потврден и од страна на оваа институција. Не говориме за пропуст, туку за процедура на европската куќа на ракометот која бара дополнителна документација околу тоа колку време Ренато живеел во нашата држава. Тие документи се веќе испратени и се согласно со правилата за натурализација за нови играчи, па затоа сме убедени дека името на Вугринец најдоцна за неколку дена ќе биде вклучено во нашиот список, велат од РФМ за спортскиот портал ЕКИПА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа