И официјално Ѓуровски претставен како нов селектор на македонската фудбалска репрезентација
Денеска беше промовиран новиот предводник на Фудбалската репрезентација на Македонија Бошко Ѓуровски. Последниот ангажман на Ѓуровски беше како помошник на Драган Стојковиќ – Пикси во Нагоја од Јапонија, каде работеше пет години ќе ја води нашата селекција во следните две години.
-Посебна чест и гордост е да се биде селектор на земјата каде што сте родени. Благодарност до ФФМ, која ми даде доверба и се надевам дека ќе ја оправдам таа доверба. Јас сум оптимист, знам дека доаѓам по еден неуспех во последните квалификации. Но, мислам и убеден сум дека Македонија има и талент и потенцијал за да влезе во борба за ЕП во Франција 2016. Македонија мора да игра похрабро. Тоа и недостасуваше на оваа селекција. Јас сум тренер, кој ќе бара од своите играчи да го дадат максимумот, да не се предадат предвреме. Ќе играат само најдобрите, најподготвените и тие со најголем карактер, истакна Ѓуровски на прес- конференцијата на која беше промовиран.
Соработката на ФФМ со новиот селектор е со важност од две години со можност за продолжување на уште две години.
-Бошко Ѓуровски е наша легенда, познат стручњак и се надеваме дека можеме да постигне резултати какви што очекуваат сите. ФФМ ќе се потруди да му ги обезбеди сите потребни услови. Нека е со среќа и со многу успех. Добредојде во нашиот национален тим, изјави Илчо Ѓорѓиоски, претседателот на ФФМ.
Ѓуровски исто така напомена дека ќе оствари контакт и со капитенот Горан Пандев кој е наш најдобар играч и секако неговото искуство би било добредојдено за следните квалификации.
Официјалното деби на новиот селектор на клупата на Македонија треба да го очекуваме во месец март, терминот на УЕФА за репрезентативни натпревари, а ФФМ ќе се обиде да договори пријателски натпревар кој би се играл на Националната Арената „Филип Втори“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа