Груевски: Притвор добиле помалку од еден процент од лицата во судските постапки
На денешната надзорна расправа која ја организираше собраниската Комисија за политички ситем и односи меѓу заедниците, се дискутираше почитувањето на правото на презумција на невиност, злоупотреба на притворот, загрозување на слободата на изразување и медиумски слободи и правото на изразување јавен протест.
На расправата иницирана од опозицијата, СДСМ обвини дека Македонија станала земја на политички затвореници, на репресирано и партизирано судство, на злоупотреба на притворот во политички процеси, но и земја во која, како што посочија, не се почитува правото на презумпција на невиност и побара одговори за овие тврдења.
Пратеникот Игор Ивановски од СДСМ истакна дека Европската комисија и Стејт Департментот ги посочиле премиерот и министрите како лица кои вршат притисок врз судството. Обвини дека, како што рече, се зголемува бројот на лица кои завршуваат во притвор, неосновано се продолжува неговото времетраење и се водат процеси кои се политички.
- Јас не сум тој кој може да оцени дали имало или немало злоупотреба на притворот. Можам само да го кажам она што го говорат статистичките податоци, а тоа е дека помалку од еден процент од лицата во судските постапки добиле притвор, рече премиерот Никола Груевски,одговарајќи на прашањата на пратениците во рамки на расправата.
Премиерот додаде дека извршната власт со реформи во законодавството направила се да обезбеди независно судство, квалитетни судски кадри, да овозможи слобода на изразување...
- За прв пат е направена и декриминализација на клеветата, со што се отстрани можноста новинарот да може да добие казна за напишан збор, рече премиерот.
Груевски потенцираше дека тој никогаш ниту помислил, ниту се обидел да се јави за да изврши притисок кај некој судија за одреден процес.
- Тоа време кога премиер можел да се јави кај некој судија и да направи притисок за одреден процес заврши со владеењето на Бранко Црвенковски, рече Груевски.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска истакна дека Министерството за внатрешни работи ги почитува сите права и слободи на граѓаните кои им се загарнитирани со Уставот. Фактот што до Уставниот суд нема поднесено ниту една иницијатива за нарушување на некакво право од страна на полицијата, според неа, говори дека обвинувањата не се ништо повеќе од политикантство.
Таа објасни дека зголеменото присуство на полицијата на одредени протести се должи на тоа што тие не биле пријавени, ниту пак било обезбедена редарска служба за да не излезат од контрола.
- Полицијата не е насилна кон своите граѓани за разлика од некои случаи кога ВМРО-ДПМНЕ не беше на власт, рече Јанкулоска.
На обвинуваата дека наместо да гони криминалци МВР се фокусира на политички прогон, министерката одговори со статистички податоци, кои како што рече се немилосадрни и говорат дека Министерството за време на нејзиното раководење за само една година спровела неколкупати поусепеши и побројни акции отколку што тоа го направила Владата на СДСМ за четири години.
Во врска со непочитувањето на презумпцијата на невиност, Јанкулоска истакна дека МВР во ниту еден случај не излегува со лични податоци за осомничените, за разлика, од СДСМ која, како што рече, е единствената партија која тоа го соопштува на прес-конференции.
На овие теми денеска зборуваше и народниот правобранител Иџет Мемети. Тој смета дека треба да се размисли мерката притвор да се замени со други мерки за да може обвинетиот да се обезбеди во постапката. Македонија, рече тој, има лепеза мерки кои можат да го обезбедат присуството на обвинетиот во судската постапка.
Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски истакна дека иако неговото присуство на оваа расправа не било задолжително одлучил да одговара на прашањата на пратениците за да покаже дека Обвинителството нема што да крие. Тој истакна дека Јавното обвинителство секогаш ја почитува презумпцијата на невиност и никогаш неосновано не бара мерка притвор. Може, објасни тој, заради кусите рокови да не е доволно образложено барањето, но, не и да е неосновано.
Надзорната расправа ќе продолжи и во наредните денови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа