Од 1 септември генерален штрајк на судската администрација: Ќе блокираат улици и нема да издаваат уверенија за неосудуваност

 

 

Судската администрација денеска излезе на протест. Пред Кривичниот суд во Скопје ечат свирчиња и се веат транспаренти.

Со слоганот „Европски плати за вас и за нас“ судската администрација бара да им се вратат додатоците на плата укинати со истиот член кој им овозможи зголемување на платите на избраните и именуваните лица од 78%, бараат нов закон за независен судски буџет и нов закон за судска служба. 

Од први септември најавија генерален штрајк.

„Денес штрајкуваме во сите судови, Основен Битола, Струга, Охрид, Штип, Свети Николе, Тетово… Најавуваме генерален штрајк од први септември. Ќе блокираме и улици и нема да може од наши средства да се полни буџетот. Нема да се вадат ни уверенија за неосудуваност, ни за трето дете, да видиме каде одат овие пари“ рече Јасмина Величкова претседателка на Независниот синдикат на судската администрација.

Таа вели дека судската администрација нема претстава зошто министерот не ја потпишал одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци на плата од 15 %, а на денешниот протест судските административци кажаа и дека се против усвоеното покачување на платите за само 10 %.

„Ние не се согласуваме со покачување на плата од 10 % што Владата и Сојузот на синдикати го договорија. Исто така не се согласуваме ни со К 15 во висина од десет илјади денари, а многу револтирачки е што од нашите средства доделени од Судскиот совет, 15 % на плата, вчера министерот за финансии ги одби“, рече претседателката Величкова.

Таа на денешниот протест во детали реферираше колку средства се слеале во буџетот врз основа на она што судовите го наплатиле за да покаже дека средства за 15 % за додатоци на плата – има.

Рената Георгиевска потпретседателка на Здружението на судска администрација побара менување на законите на начин кој ќе одговара на должностите, правата и одговорностите што ги има судската администрација.

„Судската служба се собра и излезе на протест за да го искаже револтот за пониски плати, немаме додатоци и бараме самостојна судска власт. Апелираме и бараме поддршка од Судскиот совет, Судско-буџетскиот совет и Здружението на судии да издејствуваат донесување на нов закон за судски буџет со кој судската власт ќе има самостоен буџет и донесување на нов закон за судска служба со кој статусот на судската служба ќе биде регулиран на начин кој одговара на нејзината работа, должности, права и одговорности. Реформите во судската власт треба да почнат од судската служба“, рече Георгиевска.

Претседателката на Независниот синдикат на судската администрација нагласи дека со покачувањето на платите на функционерите што ги опфати и судиите, се појавиле досега невидени разлики во платите кај вработените во судовите.

„Од наши средства се двои за буџетот, а на крај се доведовме до ситуација избраните и именуваните лица да добијат покачување на плата од 78 % , а нас вработените во судската служба да ни се скратат додатоците. Има енормна разлика во платите. Службеник со судија соодносот е 1:5 и судија со стручен соработник 1.3 како никогаш досега и никаде во развиениот свет“, рече претседателката Величкова.

Денешниот протест следува откако министерот за финансии Фатмир Бесими вчера не им го потпиша одобреното покачување од 15 % за додатоци на плата. 

 

 

13.07.2023 - 11:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега