Доктор Плавевски е здравичарот а Тоде Панда е кум на Бадник во Скопје

 

Одборот за традиционална прослава на Бадник во Скопје денеска ги претстави кумот и здравичарот за 22-рата прослава на Бадник 2014.

Кум на 22 ќе биде Методија Стефановски - Тоде, а здравичар прим. д-р Владимир Плавевски.

Методија Стефановски - Тоде е поддржувач на традицијата за празнување на Бадникарските свечености од самиот почеток. Тој беше сопственик на некогашниот бутик „Панда“ и на „Хард Рок“, а во моментов е сопственик на дипечерскиот центар ЕКС-Панда и е застапник на неколку познати брендови.

Здравичарот Владимир Плавевски е специјалист за уво, нос и грло кој од вчера официјално е во пензија. Покрај тоа, на скопјани им е познат како признат и наградуван фото-уметник, драмски писател, поет и прозаист. Особено познати се неговите радио драми и телевизиски серии за деца и возрасни.

Мојсо Мојсоски од Одборот за традиционална прослаа за Бадник денеска истакна дека новиот кум и здравичар се личности кои ги поврзуваат хуманизмот и желбата да им се помогне на луѓето. Според него, годинешниот кум е човек кој сака да делува, а не сака многу да зборува.

- Бадник на старословенски значи будност, метафората е во тоа што старите генерации нас постојано не држеле во будна вера за нашата самобитност, самосозревање и верата во Исус Христос. Ние се трудиме со нашето дело и постоење да ја одржиме нашава генерација и да бидеме будници на идните генерации кон делото на Македонија и на Исус Христос, порача новиот здравичар Плавевски.

ТОј истакна дека му претставува особена чест што на денот на раѓањето на Исус Христос ќе ги поздрави сите скопјани и Македонци.

Ланскиот кум Даниел Воиновски истакна дека 2013 година за него била среќна и значајна бидејќи се оженил.

- Се надевам дека 2014 година ќе му биде среќна на годинашниов кум. Многу работи научив од Тоде зашто моето прво работно искуство и да кажам запливувањето во приватните води ми беше во бутикот Панда во Старата чаршија. Затоа ми е мило што токму нему му го предавам кумството, рече Воиновски.

Новиот кум Стефановски се заблагодари за изборот и рече дека нема ништо друго да додаде иако, како што кажа, првично спремил пишан говор.

Градоначлникот на општина Центар Андреј Жерновски порача дека градоначалниците доаѓаат и си одат, а традицијата ќе остане и општината секогаш ќе биде домаќин на претставувањето на новиот кум и здравичар.

Одборот за традиционална прослава за Бадник на 22 декември во месноста Говрлевска краста традиционално ќе бере бадникови гранчиња кои на 6 јануари бесплатно ќе ги дели пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. На 31. јануари, пак, ќе биде промовирано второто издание на монографијата „Скопско бадникарење 1993-2013“ во која се запишани сите изјави на кумовите, здравичарите и градоначалниците на Скопје, како и на поглаварот на МПЦ ОА.

12.12.2013 - 13:03
Фото: 
А1Он

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега