Тетовското училиште „Кирил и Методиј“ се поднови со ново игралиште
Денеска свечено беше пуштено во употреба детското игралиште во основното училиште Кирил и Методиј во Тетово. На отворањето беа Германската амбасадорка Гудрун Штајнакер и градоначалничката на Тетово Теута Арифи.
Лизгалката, лулашките, клацкалките и другите реквизити се донација на Германската амбасада, додека техничкиот дел на монтажата и оградувањето на просторот го обезбеди општината. Игралиштето е наменето за деца од 5 до 12 години.
- Во моите постојани разговори што ги имам со градоначалничката Арифи како градска мајка на Тетово ја прашав што е она што му е најпотребно на градот, покрај подобрувањето на инфраструктурата, а одговорот беше детско игралиште. Затоа од нашите фондови во Амбасадата ги подржуваме овие мали проекти. Осебено не радуваат вакви прокти затоа што токму овие работи ги прават децата посреќни, рече амбасадорката Штајнакер.
Инвестирањето во образованието и развојот на децата е инвестиција во иднината, смета градоначалничката Арифи која посочи дека новото игралиште е и чекор напред во подобрувањето на условите за децата од Тетово.
- Децата заслужуваат повеќе места за игра и забава во градот и се надевам дека заедничката соработка со Германската амбасада ќе продолжи и во иднина на обострано задоволство, изјави Арифи.
Според директорот на ОУ „Кирил и Методиј“, Сатки Исмаили игралиште покрај учениците од нижите одделенија слободно ќе може да го користат и децата од поблиската и подалечната околина на училиштето.
Покрај новото детско игралиште во Тетово од фондовите на Германската амбасада дадени се средства и за опремување на неколку училници во основно училиште во Штип, како и во детските оддели на болници во Скопје и Кочани.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа