Маричиќ-Штуцин: Словенија е најголем сојузник и партнер во ЕУ на Северна Македонија
Во рамките на работната посета на Љубљана заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ оствари средба со државниот секретар за европски прашања, меѓународно право и заштита на интереси при Министерството за надворешни и европски прашања на Република Словенија, Марко Штуцин.
На средбата, вицепремиерот Маричиќ се заблагодари на континуираната искрена поддршка што Словенија ја дава на Северна Македонија во евроинтегративниот процес и нејзината силна заложба за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.
- Мораме многу високо на агендата да ја држиме темата за Западен Балкан, европската перспектива на регионот е во интерес и на стабилноста на ЕУ, рече Маричиќ додавајќи дека очекува процесот на уставни измени да биде успешен и ќе го одржиме континуитетот на процесот на преговорите со ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ го информираше за статусот на скинингот и процесот на уставни измени. Во таа насока Штуцин посочи дека сега за Северна Македонија времето е важен фактор и дека до крајот на годинава мора да направиме нов напредок кон ЕУ, за што Словенија стои на располагање да помогне во забрзувањето на реализацијата на реформите.
- Безрезервната поддршка која ја дава Словенија на евроинтегративниот пат, преку континуирана политичка, но и техничка поддршка во спроведувањето на реформите е силна потврда дека ги вреднува нашите напори и заложби да успееме во процесите кои сме ги започнале, посочи Маричиќ на средбата.
Соговорниците укажаа дека традиционалното пријателство на двете земји и народи е сигурна основа за натамошен развој на билатералните односи и сеопфатната соработка, во заемен интерес.
Маричиќ во Љубљана оствари средба и со поранешниот евроамбасадор во Северна Македонија, Самуел Жбогар, на кој разговараа за актуелните меѓународни теми и уставните измени. На пријателскиот разговор со вицепремиерот, Жбогар кој е одличен познавач на состојбите во нашата држава, но и на регионот посочил дека моментум постои и дека охрабрувачката реторика од ЕУ е реална и треба да се искористи за напредок кон ЕУ.
Вицепремиерот за европски прашања со државниот секретар за политички и мултилатерални прашања, економска дипломатија и развојна соработка, при Министерство за надворешни работи и европски прашања, Жбогар, разговараа и за развојната соработка што Северна Македонија ја има со Словенија и можноста за унапредување поддршката за реализација на реформската агенда.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа