АХВ: На македонскиот пазар не се увезени небезбедни домати од Албанија

 

Агенцијата за храна и веринарство денеска ги демантира и ги оценува како груби лаги вчерашните објави на социјалните мрежи за наводен нелегален увоз на 10 камиони со небезбедни домати од соседна Албанија.

- Груба невистина анонимно пласирана преку социјалните мрежи е вчерашниот обид на граѓаните да им се протне лагата дека е доведено во опасност нивното здравје поради наводниот нелегален увоз на 10 камиони со небезбедни домати по потекло од соседна Албанија. Според анонимниот загрижен автор на пораката, наводно станува збор на домати кои како небезбедни поради утврдено зголемено присуство на тешки метали и пестициди се вратени од увоз од Босна и Херцеговина или од Република Црна Гора. Како одговорна институција за безбедноста на храна, уште поодговорно тврдиме дека ваков таканаречен увоз не е можен, бидејќи пратки со храна, вклучително и со домати кои како небезбедни се вратени од увоз во други земји освен да транзитираат, не смеат да се увезат во државава, соопшти од АХВ.

Посочуваат дека од почетокот на годинава од вкупно увезените 1.819.306 килограми домати по потекло од Република Албанија нема вратено ниту една пратка како небезбедна. Во неделата (14.05.2023 година) преку инспекциското место на ГП Табановце кое работи за време на викенд, од страна на инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, извршен е преглед и дозволен е увоз на 12 пратки со различен вид зеленчук, од кои 148.757 килограми домати. Увозот е реализиран од 11 оператори со храна евидентирани во Агенцијата за храна и ветеринарство кои за увозот ја поседуваат целокупната потребна документација.

- Наводниот увоз на 10 камиони со небезбедни домати од Албанија, за кој во анонимната ФБ објава се тврди дека е реализиран деновиве, воопшто не е евидентиран од Агенцијата за храна и ветеринарство како таков, односно, досега, вклучително и викендов, не е вратена ниту една небезбедна пратка по потекло од соседна Албанија. Апелираме граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на дезинформации, особено не на објави на социјалните мрежи зад кои се затскриваат интереси на поединци, кои, од само за нив познати причини, во име на грижа за здравјето на граѓаните пласираат невистини и ги доведуваат во заблуда потрошувачите. До анонимниот објавувач упатуваме апел доколку располага со вистините докази случајот да го пријави до надлежните државни органи, истакнуваат од АХВ.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат контроли на домашниот пазар со овошје и зеленчук, како и на пратките кои се увезуваат во земјава. Со контролите се опфатени магацините за чување на овошје и зеленчук, дистрибутивните центри и преработувачките капацитети за овошје и зеленчук. Дополнително, велат од АХВ, прометот со овошје и зеленчук се контролира и во рамки на контролите на мешовитите продавници кои вклучуваат и трговија со овошје и зеленчук и преработки од нив.

16.05.2023 - 13:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега