„Сè е филм, во множина“ – богата програма на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал од 2 до 9 јуни во Кинотеката

 

 

Филозофскиот филмски фестивал, кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, годинава 13. пат ќе се одржи од 2 до 9 јуни во Кинотеката на С. Македонија. Во рамките на ова фестивалско издание предвидено е да бидат прикажани 40-ина филм , ќе се одржат 50-ина настани, ќе има 18 гости и 20 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“.

Мотото на годинешното издание на ФФФ е „Сè е филм, во множина“, инспирирано од големиот француски филмски великан од новиот бран, Жан-Лик Годар (1930-2022), за кого Фестивалот подготвува специјален сегмент „Фокус Годар“.

„Во годаровски манир, по малку поигрувајќи си со историјата/историите, или приказната/приказните на филмот, оваа година со омаж на Годар како една неизбежна одредница и лик во светската филмска историја приказна, со радост ви го најавуваме 13. издание на нашиот и ваш ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, во кој централно место ќе има токму ‘Фокусот Годар’, со неколку ретки и исклучително вредни синефилски уживања, кои ги подготвивме за нашата верна публика. Годинешната максима „Сè e филм, во множина“, на ниво на синтакса, повторува една Годарова постапка: брзиот и неочекуван монтажен засек. Затоа и запирката, која не е чест гостин во слогани, тука ни се чини и сосема посакуванa“.

Богатата филмска/фестивалска програма е организирана во: Ревијална програма: филм-филозофија, двете компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови, Ретроспектива, Придружна програма (со „Фокус Годар“), Едукативна програма и интернационална конференција „Филозофија и филм“, а Фестивалот работи и на два издавачки проекта.

Како традиционални настани што му претходат на главниот дел од програмата во текот на минатиот месец, ФФФ ја почна едукативната програма. Tаа e поделена на три сегменти: Средношколска видеолектира, Работилници за млади и Фил(м)озофија со деца. Од почеток на април, па сè до крајот на фестивалот, има настани од оваа програма на повеќе локации во Македонија.

Средношколската видеолектира почна на 4 април во Младинскиот културен центар во Скопје за учениците од Скопје (6 гимназии) и во Велес се одржа проекција на филмот ДУХОТ НА УЛИШТЕТО (El espiritu de la colmena The Spirit of the Beehive, 1973) на Виктор Ерисе, а потоа во периодот од 5 до 11 април проекции се одржаа и во други градови. Учество зедоа околу 420 ученици од 16 училишта во 11 града. Учениците ги испраќаат своите есеи најдоцна до 5 мај, а од сите од нив, тричлената стручна комисија, во состав: Вангел Ноневски, Марија Тодороска и Владимир Мартиновски, ќе ги избере трите најдобри есеи за ова издание. Доделувањето на наградите ќе се одржи на специјален настан во Кинотеката (27 мај, 16 ч).

Во втората половина на април и почетокот на мај, во рамките на Фестивалот, одржани се и 7 работилници за млади во повеќе градови на актуелни општествени теми со филмска подлошка. Во рамките на оваа програмска линија/овој програмски сегмент ќе се одржат и работилници за млади заинтересирани за естетиката на филмскиот јазик на возраст од 17 до 19 години. На работилницата, која ќе се одржи од 20 до 27 мај, ќе може учествуваат десетина учесници, ќе ги води нашиот филмолог д-р Атанас Чупоски, а сите заинтересирани ќе може да се пријават преку социјалните мрежи на Фестивалот.

И последниот сегмент од ЕП (фил(м)озофија со деца) е наменет за најмалите филозофи и филмофили, учениците од 9 до 11 години, и е поврзан со гледање филм на децата и потоа одржување дискусија и фил(м)озофска работилница (физички, во Скопје и онлајн за децата во Македонија). Годинава, деца од 9 до 11-годишна возраст, под менторство на д-р Мартин Поповски, ќе го гледаат јапонскиот анимиран филм „Мираи“ (Mirai 2018) и ќе дискутираат на избрана тема (3). Оваа работилница ја користи токму имагинацијата како импулс за детското автентично размислување (без наметнување туѓи ставови и гледишта) за важни прашања за семејството, љубовта, љубомората, разбирањето, емпатијата… прашања што го отвораат патот кон „Другиот“ и кон сопственото растење и созревање. Сите заинтересирани ќе може да се пријават преку социјалните мрежи на Фестивалот.

Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура на РС Македонија, во соработка со Кинотеката на С. Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Шпанија во Скопје, како и многубројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.

08.05.2023 - 22:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега