Левица поднесе кривична пријава против Христијан Пендиков за повреда на угледот на Македонија
Политичката партија Левица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Охрид против Христијан Пендиков, во својство на Генерален секретар на здружението „Цар Борис III”.
Од партијата велат дека Пендиков, во интервју емитувано на 14 февруари 2023 година, на една од најгледаните телевизии во соседна странска држава, намерно дава лажни изјави и клевети кон македонскиот народ и Република Македонија. Имено, пријавениот во контроверзното интервју, ги изнесува познатите негаторски тези на бугарскиот шовинизам дека „Македонците и Бугарите се еден исти народ”.
Со ваквата изјава, како што велат од Левица, Пендиков ја изложува на подбив Република Македонија, која е конституирана и постои како национална држава на македонскиот народ. Оваа изјава е дејствие директно насочено кон разгорување национална омраза и нетрпеливост, изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ја нејзината посебност и самобитност.
„Пријавениот се терети дека извршил кривични дела: Повреда на угледот на Републиката – казниво по чл. 178 од КЗ; Излагање на подбив на македонскиот народ – казниво по чл. 179 од КЗ; Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа – казниво по член 319 став 1 од законот.
Доколку се воспостави практика на несанкционирање, институционален молк и обвинителски патернализам на ваквото омаловажување и обезвреднување на основните вредноста на Република Македонија, идентитетски обележја на Македонците и чувствата на македонските Евреи, во пракса може да се предизвикаат сериозни и несогледливи штетни последици по националните интереси и безбедност во иднина“, велат од Левица.
Во интервјуто за бугарската БТВ Пеников изјави дека и како тој самиот не ги поднесувал Бугарите кога бил помлад и како пред неколку години се разбудил и станал македонски Бугарин.
„За жал, во Северна Македонија е нормално да те тепаат, пцујат, пукаат затоа што си Бугарин. Полицијата не треба ништо да прави“, вели секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.
„ Во Македонија учиме изменета, лажна историја во која Бугарите се фашисти, Татари. Откако ја прочитав светската историја, откако прочитав за ВМРО и што е историја, сфатив“, рече Пендиков во интервјуто емитувано пред два месеци.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа