Како влијае дијабетот на нашето расположение?

 

Дијабетот како еден од најчестите здравствени проблеми кај нас и во светот, покрај тоа што го погодува нашето физичко здравје, според голем број истражувања влијае и на нашето ментално здравје и расположение.

Првиот и очигледен проблем кој се јавува поради дијабетот е променливото и нестабилно ниво на енергија. Ова може да доведе и до нестабилност и променливост во расположението, да предизвика раздразливост, иритираност, нервоза, анксиозност, нетрпеливост и сл. Во овој поглед, голем број истражувања покажуваат дека дијабетичарите може да имаат потешкотии во одржувањето на константно и стабилно расположение, а тоа пак може негативно да влијае на нивниот однос со луѓето околу нив.

Дополнително, самата здравствена состојба - дијабетот, може да биде извор на еден вид „психичко оптоварување“, стрес и анксиозност кај пациентите, поради самото сознание за оваа живото-загрозувачка болест. Секојдневното внимавање на исхраната, мерењето на шеќерот во крвта, внимавањето на симптомите - може да предизвика константен, хроничен стрес, со негативен одраз и врз расположението. Според некои истражувања околу 25% од луѓето со дијабет тип 1 и околу 15% од луѓето со дијабет тип 2, чувствуваат ваков притисок, стрес и анксиозност. Исто така, одредени глобални статистики покажуваат дека дури 25% од лицата со дијабет имаат некаков степен на депресија. Се смета дека хипергликемијата (покачениот крвен шеќер) се манифестира преку чувство на нервоза, тага и вознемиреност, додека хипогликемијата (низок крвен шеќер) се препознава преку надразливост, глад и иритираност.

Силните варијации во нивото на шеќер во крвта, предизвикуваат брзи промени во нивото на енергија и расположението, не само кај дијабетичарите туку и кај навидум здравите индивидуи кои често консумираат храна богата со рафинирани (прости) шеќери. Имено, брзите скокови, т.н „пикови“ во нивото на шеќер во крвта кои се препознаваат преку зголемената енергија, се проследени со високо излачување на инсулин и брз пад нанивото на шеќер во крвта, поради што потоа настанува чувство на замор, безенергичност и раздразливост.

Како можеме позитивно да влијаеме врз ваквата состојба?

Како и со останатите проблеми кои се јавуваат како резултат на дијабетот, најдоброто решение најверојатно лежи во навремените, превентивни чекори. Тоа значи препознавањето на раните симптоми на пре-дијабетот и дијабетот, за негово порано дијагностицирање, а со тоа и навремен третман и лекување. А ова пак подразбира и внимавање и регулирање на исхраната, редовност во физичката активност, менаџирање на стресот, воведување на здрави и редовни навики за спиење и сл.

Сето ова, може да ја промени на подобро целосната здравствената состојба кај лицата со дијабет.

12.04.2023 - 12:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега