Советување на учениците со многу изостаноци и слаб успех
Министерството за образование и наука изготви две нови програми за советување на учениците во основните и во средните училишта.
Како што денеска информираше министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, прв чекор е идентификување на учениците што имаат некој проблем, а вториот е ученикот да се упати кај училишниот психолог на советување кое може да биде индивидуално или групно. Главна цел е да се надмине проблемот со кој се соочува некој ученик - нередовност (ако има повеќе од 10 неоправдани или 100 оправдани отсуства од настава), манифестирање несоодветно однесување, слаби оценки...
- Програмите за советување ќе придонесат за јакнење на воспитната улога на психолошко-педагошките служби во училиштата, пред се на наставниците како клучна алка во воспитно-образовниот процес, затоа што тие се лицата кои поминуваат најмногу време со учениците и први ги детектираат симптоматичните однесувања кај нив, а потоа пристапуваат кон надминувањето на одреден проблем или причина која предизвикала негативен ефект во процесот на нивната едукација. Програмите веќе се објавени во Службен весник и се стапени во сила, рече на прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
За оваа цел, во тек е оглас за вработување пет стручни профили, како и обезбедување профили педагог и/или психолог во сите училишта каде ги нема.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа