Виктор Мизо: Ниту една компанија нема да дојде преку ноќ, ниту пак ако седиме со скрстени раце и чекаме тоа да се случи
Владиниот тим за привлекување странски инвестиции ја засилува кампањата во соработка со реномираните, Фајненшал тајмс и Форбс, со цел зајакнување на предеизвикот за привлекување што повеќе странски капитал во македонија. Директорот на развојните зони, Виктор Мизо во интервјуто за Прес24, вели дека потребен е агресивен пристап во промоцијата на Македонија, затоа што ниту една компанија нема сама, преку ноќ, да додје ако Македонија седин со скрстени раце.
-Никој не доаѓа да инвестира, ако не знае што нуди нашата земја за отварање нови бизниси. Воопшто не би рекол дека се работи за исцрпеност на владиниот тим. Напротив еланот е уште поголем кога се знае дека работиме заедно со Фајненшал Тајмс и Форбс кои се меѓу најугледните и најрелевантните светски бизнис медиуми кои излегуваат во милионски примероци, а нивнaта публика се менаџерите на реномирани компании и милијардери, вели Мизо за Прес24, потенцираќи дека обвинувањата на опозицијата дака владините роуд шоуа се бесцелно трошење пари, се само паушални оценки.
-Голем број на земји од централно – источна Европа како на пример Унгарија, Чешка , Словачка и Полска го започнаа процесот на отварање кон западот, привлекување на свеж странски капитал и инвестиции како и приватизација со странски партнери во почетокот на 90 – те години. За жал во тој период Македонија воопшто не работеше на тоа поле и бевме целосно заобиколени и непрепознаени како инвестициска дестинација во регионот. Ако стратегијата била задоцнета, дали тоа значи дека оваа власт треба да седи со скрстени раце на тој план? Никогаш не е доцна, ако имате искрена желба да ги смените работите на подобро, вели првиот директор на Инвест ин Масединија, а сега прв човек на ТИРЗ.
Мизо, кој еден од оние директно вклучени во тимот за инвестици и кој во текот на една година повече денови е надвор, отколку во Македонија, вели дека очекува веќе следната година извозот само од ТИР Зони да надмине вредност од една милијарда евра.
-Во ТИРЗ Скопје 1 веќе се закупени 35% од вкупната површина, а уште 20% се резервирани за потенцијални инвеститори. Во Штип веќе се закупени две парцели, а резервирано имаат уште две компании. Резервирани парцели има и во ТИР Зони во Кичево, Струга, а за одредени ТИР Зони се водат преговори со заинтересирани странски инвеститори за управување со тие Зони преку ЈПП, слично на моделот на ТИРЗ Тетово, вели Мизо за Прес24.
Виктор Мизо во интервјуто за Прес24, одговара и за тоа какво е чувството во тимот за привлекување странски инвестиции кога некоја компанија ќе одлучи да не инвестира во Македонија, како и за тоа што станува со голем дел од компаниите кои пред светкста економска криза веќе имаа одлуки за инвестирање, а потоа истите ги замрзнаа.
ПРЕС24: Париз и Лондон беа двете меѓу последните дестинации во кои се бараа странски инвестиции. Каков е првиот фидбек од овие средби? Има ли најави и може ли Македонија да се надева на договор за инвестирање од овие средби?
МИЗО: Бизнис форумите од овој вид се одлична можност да се претстават поволностите кои ги нуди нашата земја. Условите за инвестирање, поволностите што ги нудиме на инвеститорите во различни сектори , посебно во технолошко индустриските развојни зони ги слушнаа многу бизнисмени и компаниии од Велика Бријанија и Франција. Освен тоа, потврда за добрите услови за водење бизнис и позитивното искуство го пренесоа реномирани компании кои веќе инвестирале во земјава, како Џонсон Мети и Кемет, но тука беа и претставници на ЕБРД и Светската банка кои споделија како Македонија позитивно се споредува со другите земји во поширокиот регион кои се главните конкуренти во процесот на привлекување на инвестиции. Ние се надеваме на позитивни резултати од секоја презентација и од секое роуд шоу. Мора агресивно да ја презентираме нашата земја како конкурентна и позитивна дестинација за инвестиции. Нормално имаше компании кои беа изненадени од понудените услови бидејќи за прв пат воопшто слушнаа за нас , а имаше и такви кои сериозно ги разледуваат условите за инвестирање и најавија посети на земјата во скоро време како и подлабоко анализирање на понудените услови. Имаше на пример и компанија од автомобилската индустрија со која сме во контакт веќе подолго време која има донесено позитивна одлука за Македонија, но состојбата на европскиот пазар го пролонгира проширувањето на нивните активности. Има компанија од ИТ секторот која присуството во Бугарија сака да го прошири и во Македонија. Во секој случај официјалните договори за инвестиции ги очекуваме идната година
ПРЕС24: Овие бизнис форуми за разлика од досега беа организирани со поддршка на Фајненшал Тајмс, зошто ваква стратегија? Поголеми ли се шансите или пак, економските промотори и владиниот тим за барање инвестиции е исцрпен од постојаните обиколки по светот?
МИЗО: Ако сакаме да сме конкурентни и успешни во она што го работиме мора постојано да применуваме нови начини за привлекување странски инвестиции. Тоа значи дека Македонија презема различни активности за привлекување странски инвестици и ја проширува лепезата на активности во овој процес. Никој не доаѓа да инвестира, ако не знае што нуди нашата земја за отварање нови бизниси. Воопшто не би рекол дека се работи за исцрпеност на владиниот тим. Напротив еланот е уште поголем кога се знае дека работиме заедно со Фајненшал Тајмс и Форбс кои се меѓу најугледните и најрелевантните светски бизнис медиуми кои излегуваат во милионски примероци, а нивнaта публика се менаџерите на реномирани компании и милијардери. И други земји во процесот на презентирање на земјава активно користат ваков пристап . Она што е различно кај нас е дека тоа го правиме долгорочно, континуирано и стратегиски , а не како ад –хок дел од некоја кампања или врз основа на ЕУ средствата кои треба во краток временски период да се потрошат.Оваа соработка резултира со поширока мрежа на контакти и таргетирање кон компании кои ќе ја запознаат Македонија и нашите конкурентни предности за потенцијално лоцирање а своите капацитети за европскиот пазар . Пофалбите за бизнис климата и препораки за инвестирање од страна на вакви медиуми се од непроценлива важност за мала земја како што е Македонија.
ПРЕС24: Опозицијата честопати критикува дека сите овие бизнис форуми или роуд-шоуа што ги организира Валдата се бесцели и само трошење пари. Ако се направи анализа, дали сето ова што се прави во овој "лов" на странски инвеститори има ефект?
МИЗО: Не се согласувам со констатацијата на опозицијата дека роуд шоуата се бесцелно трошење време и пари. Впрочем, ако се прашува опозицијата тие за секој владин проект велат дека наводно претставувал бесцелно трошење на пари. Но резулатите од сето ова што досега се направи на полето на странските инвестиции и воопшто на условите за бизнис се мерливи и потврдени од низа релевантни меѓународни фактори и инстанци, со што целосно се демантираат таквите опозициски тврдења. Значи, секако дека ваквиот начин на презентирање има ефект. Ниту една компанија нема да дојде преку ноќ, ниту пак ако седиме со скрстени раце и чекаме тоа да се случи. Нормално е дека од првите презентации и контакти до одлуките за инвестирање треба да помине извесно време. Ако сакаме странски ивестиции, тогаш странските компании треба да дознаат за Македонија и за поволностите кои ги нудиме . А како ќе дознаат – нормално со само промовирање преку роуд шоуа, присуство на специјализирани конференции и саеми од различни таргетирани индустрии, реклами за инвестициските можности за Македонија во реномирани списанија и телевизии, како што во моментов се врши преку активностите со СНН, Форбс, Фајненшл Тајмс и нормално преку секојдневните активности од страна на промоторите и на целиот економски тим на владата. Ќе го споменам примерот за Кемет електроникс. Извршниот директор на компанијата изјави дека за нашата земја слушнал од рекламата која во тоа време одеше на СНН. И компанијата од Дубаи “Апл Ленд“ која изминатава недела ја потврди инвестицијата во откупен центар и ладилници за јаболка во Ресен истакна дека дека првото запознавање со Македонија било преку рекламите на СНН.
ПРЕС24: Колку компании се дојдени во Македонија на овој начин?
МИЗО:Компаниите кои ги посочив претходно, “Кемет Електроникс“ и “Апл Ленд“ се директно дојдени во Македонија и имаат донесено позитивна одлука за инвестирање токму како резултат на ваквата Владина кампања. Инаку, многу поголем е бројот на компании кои дошле за прв пат во Македонија и се запознале на лице место со нашата бизнис клима и поволности. Со голем дел од овие компании сеуште сме во постојан контакт, а со некои од нив и пред конечна одлука за нивно инвестирање.
ПРЕС24: Каква е состојбата со простор во слободните економски зони. Едно време имаше информации дека голем дел од парцелите се резервирани?
МИЗО: Моментално во земјава има 3 функционални технолошко индустриски развојни и 11 други кои се во различен степен на градба. Во зависност од видот на инвестицијата, дејноста и потребите на потенцијалните странски инвеститори им се нудат локации во различни зони во земјава, се со цел да се постигне рамномерен регионален развој. Така во ТИРЗ Скопје 1 веќе се закупени 35% од вкупната површина, а уште 20% се резервирани за потенцијални инвеститори. Во Штип веќе се закупени две парцели, а резервирано имаат уште две компании. Резервирани парцели има и во ТИР Зони во Кичево, Струга, а за одредени ТИР Зони се водат преговори со заинтересирани странски инвеститори за управување со тие Зони преку ЈПП, слично на моделот на ТИРЗ Тетово. Инаку до крајот на годинава бројот на вработени во ТИРЗ се очекува да биде повеќе од 2300 вработени, а во следната се очекува отварање на нови 800 работни места. Би сакал да потенцирам дека ова се бројки само од постоечките 7 компании и истите се очекува да бидат и уште повисоки кога ќе се земат во предвид потврдените инвестиции за следната година. Што се однесува до извозот, веќе следната година може да очекуваме дека извозот само од ТИР Зони ќе надмине вредност од една милијарда евра.
ПРЕС24: За разлика од опозицијата, има економски експерти кои велат дека целата оваа кампања, од почнувањето и формирањето на агенцијата Инвест ин Маседонија, каде бевте прв директор е многу задоценета. Задоцнета во смисла што цели 15 години до независноста на Македонија немаше речиси никаква стратегија за привлекување странски инвестиции?
МИЗО: Голем број на земји од централно – источна Европа како на пример Унгарија, Чешка , Словачка и Полска го започнаа процесот на отварање кон западот, привлекување на свеж странски капитал и инвестиции како и приватизација со странски партнери во почетокот на 90 – те години. За жал во тој период Македонија воопшто не работеше на тоа поле и бевме целосно заобиколени и непрепознаени како инвестициска дестинација во регионот. Навистина е несфатливо и уште повеќе неприфатливо тоа што кај претходните Влади имаше целосно отсуство на стратегија, па и желба за привлекување на инвестиции во Македонија. Така што, да, се согласувам дека се изгубени цели 15 години, бидејќи дури на крајот на 2006 и почетокот на 2007 година со доаѓањето на оваа влада на власт беше стратешки отворена можноста и започна со таргетирана промоција на државата како инвестициска дестинација. Паралелно со ова започна и процесот на подобрување на бизнис климата, намалување на бирократските процедури и пречки за водење бизнис, намалување на даноците и трошоците, изградбата на слободните економски зони и нудење на конкурентни бенефиции за инвеститорите како основни постулати на определбата на Македонија како земја отворена за странски инвестиции. Ако стратегијата била задоцнета, дали тоа значи дека оваа власт треба да седи со скрстени раце на тој план? Никогаш не е доцна, ако имате искрена желба да ги смените работите на подобро. Можам да кажам дека една од приоритетните цели на оваа влада е зголемување на бројот на странските инвеститори, а со тоа отварање на нови работни места и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Тоа не е лесен процес. Ако во изминатиов период не се направило ништо по однос на тоа прашање, значи дека сега има голем простор за делување и резултатите веќе се гледаат на терен.
ПРЕС24: Дали ова што го прави Владата, овој тип на патувања и презентации е вистинскиот и најдобар начин за привелкување странски инвестиции?
МИЗО: Праксата и во останатите земји кои биле на сличен стадиум на економски развој во минатото , а потоа постепено станале регионални лидери и економски стабилни држави покажува дека ваквите начини на презентирање имаат ефект. Од примерите на другите земји можеме да видиме кој модел бил поуспешен, а кој не, потоа кој модел може да го примениме и кај нас итн. Можеби одредени пристапи и сегменти се слични,но сепак ние не измислуваме топла вода, туку го спроведуваме она што го спроведувале многу успешни економии . Нормално тоа дава резултати и во нашата земја.
ПРЕС24: Како изгледа еден процес на преговарање откако некоја компанија ќе покаже интерес. Дали потоа се чека нејзин потег или пак македонската страна е онаа која постојано бара разговори?
МИЗО: Нашите презентации се сеопфатни, прецизни и јасни. Откако ги презентираме поволностите за инвестирање, без разлика дали е тоа при таргетирана средба , посета на некоја компанија или како дел од бизнис форум сокомпаниите кои се заинтересирани продолжуваме со непосреден контакт и доставување на дополителни информации потребни во процесот на првична анализа. Некогаш се случуваат неколку средби во рамките на централите на овие компании, запознавање на производствениот процес и деталите на нивните потреби пред тие да дојдат кај нас и на лице местодасе уверат за можностите, условите , поволностите, деталите за расположивата работна сила, квалитетот на образовниот процеси низа други прашања. Многу важна, понекогаш и пресудна улога имаат и средбите со постоечките компании. Она што го слушаат од компаниите кои се веќе присутниво МК од ист или сличен сектор, кои дури и во услови на пролонгирана криза и во краток временски период реинвестирале и го прошириле своето производство. Посебно е важен делот кога постоечките инвеститори во зоните ја потврдуваат активната соработка и поддршка која ја добиваат од нас како Дирекција на ТИРЗ како и од другите владини институции секојдневно и фактот дека државата стои зад својот избор и ги исполнила сите ветувања дадени на почетокот. Овој момент е важен затоа што од нашите презентации, убедувања и лобирања зависи нивниот фид бек и крајна одлука. Потоа следи најважниот момент на донесување одлука на компанијата и како што кажав неможе една сериозна компанија преку ноќ да донесе одлука за инвестирање. Ваков процес може да трае и две, три години па и повеќе години. А ние мора да бидеме во постојана комуникација со компаниите, да бидеме упорни во нашата комуникација, дури понекогаш и наметливи, но секако во рамките на една прифатлива норма.
ПРЕС24: Тешко ли е да се убеди странец да инвестира во држава, која патем во светот е позната по спорот за името, кој ги блокира македонските евроатлански интергации? Се плашат ли инвеститорите за својот капитал?
МИЗО: Спорот со името досега не претставувал пречка во нашите обиди за привлекување на странскиинвестиции. Нашата земја има стабилна макроекономска политика, просечна стапка на инфлација од 2, 1 % , буџетски дефицит од 3% од БДП и низок степен на задолженост што не прави многу конкурентни и подобри од земјите во регионот. Сме на листата најдобри реформатори според извештајот на Светска Банка “Дуинг бизнис“, но и на многу рангирања стоиме подобро од конкурентните земји и дестинации – не само од источна Европа туку и од Северна Африка. Македонија е ориентирана да стане членка на ЕУ и НАТО, земјава ги исполи сите критериуми за влез во Алијансата и оние за почеток на преговорите со ЕУ, но поради спорот со името овие зачленувања се одложени. Сето ова им се презентира на странските инвеститори и им се потенцира дека нивниот капитал во Македонија е сигурен. Доволен показател за ова е токму параметарот на Doing Business – Protecting Investors (Заштита на инвеститори) по кој Македонија е рангирана како 16 во светот. Секако постојат и такви компании кои се осетливи на специфични случувања во државата . Како еден таков преимер претставува една загубена инвестиција од реномирана компанија од автомобилската индустрија која се откажа од инвестирање во Македонија и отиде во наша соседна земја по случувањето на масакрот кај Смилковското езеро.
ПРЕС24: Тоа е и една од причините што Македонија сепак е со најниско ниво на странски инвестиции од земјите во регионот. Но, јас сакам да ве прашам нешто друго. Постои ли ризк, ако на подолг рок Македонија остане надвор на НАТО и од ЕУ, за повлекување на странскиот капитал од државата?
МИЗО: Не се согласувам со констатацијата дека во Македонија има најмалку инвестиции. Споредбата, наместо апсолутна треба да се гледа на релативна основа според глава на жител или како % на БДП. Не може да се споредуваме со останатите земји само со износот на инвестиции кои влегле во Албанија, Србија, или Црна Гора. Како прво, секоја земја по големина е различна и секоја земја има свои предности или недостадоци во привлекувањето на странските инвестиции , вид на капитал кој влегува во земјата ( гринфилд инвестиции во производство или инвестирање во недвижности, големина на внатрешниот пазар, излез на море различен степен на приватизација и слично) За вториот дел од прашањето, можам да кажам дека компаниите ги интересира само профитoт , условите за водење бизнис и поддршката. Се додека овие параметри се исполнети, тие ќе бидат присутни таму каде што се. Во случајот на Македонија, ние активно работиме на сите полиња да го подобриме работењето на компаниите и резултатите се очигледни : само оваа година гледаме реинвестирање, односно отварање на нови погони или одлуки за реинвестирање од страна на 4 компании кои се присутни во зоните – Џонсон Контролс, Џонсон Мети,Технохозе и Продис.
ПРЕС24: Се чувствувате ли разочарани, има ли моменти на безнадежност во македонскиот тим за барање инвестиции, кога на пример по поминати илјадници километри и маратонски преговори, на крај компанијата сепак ќе донесе негативна одлука за инвестици во Македонија.
МИЗО: Напорната работа на крај секогаш вродува со плод. Нормално е дека нема да дојдат сите компании кои ќе слушнат за нашите поволности за инвестирање или кои активно не разлегуваат како бизнис дестинација. Таквите очекувања не се ниту можни ниту логични.Некои ќе дојдат, некои не, но тоа нe не обесхрабрува во нашата цел. Напротив од секоја компанија која се одлучува за друга дестинација бараме фидбек и информациии зошто тоа не се случило. Од таквите одлуки може многу да се научи што треба и може да се направи во иднина за да бидеме поконкурентни и подобро подготвени за да имаме поголем успех. Во многу случаи одлуката за друга земја не е поради тоа што ние не сме го вложиле својот максимум , туку од стратешки причини, постоење на подобра база на добавувачи, условите за логистика и слично.
ПРЕС24: Имаше многу преддоговори за инвестиции уште од 2007/08, на пример Монтипе, Орланди, големи металургиски компании, кои по светска криза се повлекоа. Што станува со нив?
МИЗО: Проблемот со овие компании е што нивните одлуки за инвестирање беа донесени пред светската економска и финансиска криза. Откако се случи тоа, многу компании ги замрзнаа одлуките за своите развојни планови. Нормално ние сме во постојан контакт со тие компании и со подобрување на економијата во Европа и позитивните резултати кои се наповидок за 2014 се надеваме дека одлуките за инвестирање наскоро ќе бидат на дневен ред на Бордот на директори во овие компании. Инаку, една од компаниите коja e во таа група кои го замрзнале својот проект поради кризата, во 2012 година повторно го обнови интересот за инвестирање во Македонија. Со нив сме во постојана комуникација, сите технички детали за проектот се завршени (локација, проект и сл.) и одлуката за нивната инвестиција зависи само од тоа дали ќе успеат да добијат нови нарачки од што директно зависи нивната потреба за проширување на капацитетите.
ПРЕС24: Има ли во моментов компании кои се пред финиширање на договори за инвестирење освен оние кои веќе се објавени во јавноста?
МИЗО: Да, има компании кои се пред носење на одлуки за инвестирање и тоа од повеќе земји, од повеќе континенти. Кога компаниите ќе донесат одлуки и ќе дадат зелено свето, тогаш ние ќе можеме да соопштиме, која компанија доаѓа, каде и колку ќе инвестира. Дотогаш ги почитуваме договорите со компаниите кои не сакаат да се објавуваат информациите се додека не се заврши работата до крај.
ПРЕС24: Домашните компании честопати негодуваат поради условите кои ги добиваат странските инвеститори. Велат дека тие се далеку поголеми инвеститори од странците, а се во подредена позиција?
МИЗО: Ваквите тези често се појавуваат во јавност, но тие воопшто не се точни. Законите кои ги регулираат овие работи (Закон за ТИР Зони, Закон за контрола на државна помош) воопшто не прават дискриминација по однос на потеклото на инвестициите и соодветно ние имаме ист третман како за странските така и за домашните инвеститори. Никаде не пишува дека само странци можат да добијат државна помош за инвестиција во зоните. Она што се бара , согласно регулативите, е да станува збор за нова инвестиција односно да не се префрла постоечка дејност, потоа да се инвестира во производство со пософистицирана технологија, со што би се обезбедила повисока додадена вредност и би се произведувале производи наменети за извоз бидејќи треба да се внимава со доделената државна помош да не се наруши конкурентноста по однос на останатите компании со слична дејност кои се присутни на домашниот пазар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа