ОЈО отвори предмет: Ќе се испитува како се избрани фирмите за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10

 

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предмет до допрен глас за обвинувањата за несоодветен избор на компанија што ќе врши надзор над изградбата на коридорите 8 и 10 и не ја исклучува можноста да направи предистрага. Откога пред две недели посочија дека ги следат информациите, денеска објавија дека предметот е распределен кај обвинител.

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите во медиумите поврзани со изградбата на автопатите, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејства и ќе изврши проверки по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

За вршење надзор над изградбата на коридорите 8 и 10, Владата се обврза да му плати 22,3 милиона евра на конзорциумот предводен од италијанската компанија „ИРД инженеринг“ со објаснување дека надзорот ќе го вршат меѓународни експерти. Иако италијанската компанија е носител на конзорциумот, повеќето од предвидените 22,3 милиона евра ќе бидат за домашните компании „Електра солушн“ и „Евроконсалтинг“ оти е предвидено тие да завршат најголем дел од работите. „Електра солушн“ е компанија што произведувала долна облека, кусо време се занимавала со услуги поврзани со информатичка технологија и компјутери, а од лани како дејност пријавила други градежно-инсталатерски работи и никогаш досега не вршела надзор. Лиценцата за вршење надзор ја извадиле по распишување на огласот за коридорите во рекордно кус рок.

За другата домашна компанија, пак, „Евроконсалтинг“, опозицијата и некои од медиумите алармираа дека е сопственост на лице со криминално досие, Бранислав Димитриевиќ, уапсен во Хрватска во април 2021 година, врз основа на потерница од Интерпол. Неговиот син, Зоран Димитриевиќ, раководител во компанијата од 2021 година, го има и компанијата „Ептиса“ како лидер на тимот на француско-шпанскиот конзорциум, која исто така е дел компаниите што ќе вршат надзор за коридорите.

Владата минатата недела на 8 март го потпиша договорот и покрај предупредувањата во медиумите и острите критики од опозицијата. Првиот вицепремиер, Артан Груби, кој е дел од владиниот тим за коридорите, по потпишувањето на договорот, замоли да не се лепат етикети на избраните компании и повика секој што има какви било информации и сомневања, да ги достави до Јавното обвинителство.

Спорните компании ќе вршат надзор над работата на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој за 1,3 милијарда евра треба да изгради четири автопатски делници од коридорите 8 и 10.

28.03.2023 - 14:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа