(ВИДЕО) Ковачевски до Вучиќ и Курти: Бидете конструктивни – дијалогот значи и отстапки
Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека верува дека со дијалог ќе се решат отворените прашања помеѓу Србија и Косово. Тој ги повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, на конструктивност. Ковачевски посочи дека сака регионот да го види интегриран во ЕУ. Рече дека ќе даде поддршка на процесот.
„Сакав да им укажам од важноста која ја посветуваме на овој состанок. Цврсто верувам дека дијалогот е неопходен и единствен пат до решение во демократскиот свет. Дијалогот е единствена алатка за европска интеграција на двете земји“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека местото на Западен Балкан е во ЕУ особено кога ќе се земе во предвид на поделбите во светот.
„Ги охрабрувам страните да бидат конструктивни и да имаат продуктивен ден. Република Северна Македонија не е случајно избрана за да се одржи овој дијалог, туку бидејќи е фактор на стабилност во регионот“, додаде Ковачевски.
Тој посака успешни преговори. Посочи дека со дијалог се постигнале договори, а се донеле и државнички одлуки.
„Во услови на геополитички превирања и воена агресија, местото на Западен Балкан е во ЕУ. Јасно сакам да порачам дека ние сме политичари кои носат тешки но државнички одлуки. Никому не му е тешко во вакви ситуации бидејќи дијалогот значи и отстапки, но знаеме дека тие тешки одлуки се за подобра иднина на сегашните и идните генерации“, посочи Ковачевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа