Погребан матурант, МВР истражува, училиштето молчи, а кружат сомневања дека бил отруен со дрога во пијалак
Учениците од гимназијата „Георги Димитров“ во скопски Карпош трет ден се вознемирени од смртта на својот соученик матурант, погребан во понеделникот. Официјални информации од институциите за смртта на матурантот се само дека бил пронајден мртов на плочник пред зграда во Центар. Меѓу учениците, пак, кружи стравотна приказна дека бил отруен во кафуле, каде што му била ставена дрога во пијалак. Случајот во јавност го објави пензионираната професорка од Филозофскиот факултет, Виолета Ачкоска.
„Дали некој знае дека денес се погребува гимназијалец отруен со дрога ставена во пијалак во кафуле. Дали некој знае уште за неколку слични случаи на деца, кои, по халуцинацијата, се фрлат од петти кат и слични самоубиства… Можеби некој знае, но не оваа јавност, која сè уште е траурна од смртта на малата Тамара, нека почива меѓу ангелите“, стои во објавата на професорката Ачкоска.
Под една од објавите за смртта на матурантот во медиумите во коментар мајката на починатиот кажува дека се работи за нејзиниот син и се сомнева дека полицијата ќе го затвори случајот како самоубиство.
„Детето е Јован, мојот син, мојот ангел, момче што беше прекрасен син. За жал, јас како мајка не успеав да му се најдам тогаш кога сум му била потребна. Да се биде родител во оваа држава е многу тешко, без поддршка од институциите. Институциите сигурно ќе го затворат случајот како самоубиство, така е најлесно. Моја вина е што го дозволив тоа, што останав тука да ги растам и воспитувам моите деца. За каде? За во ‘Бутел’“, напиша мајката.
„Макфакс“ синоќа испрати прашања до МВР за смртта на матурантот и сомневањата на соучениците и професорката. Од таму денеска добивме само техничка вест, без никакви детали дали оваа смрт дополнително ќе се испитува.
„На 12.3.2023, во СВР Скопје е пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј. Т. (18). Извршен е увид од страна на полициски службеници и по насока на јавен обвинител телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина“, велат од МВР.
Не сакаше да зборува за смртта на матурантот ниту Саша Стоименов, директор на гимназијата „Георги Димитров“.
„Можам само да потврдам дека сум известен за смртта на матурант од нашето училиште. За сè друго да разговараме од понеделник, сега немам дополнителни информации“, кусо изјави директорот Стоименов за „Макфакс“.
Оваа учебна година почна со смрт на ученик од втора година во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, кој оставил проштално писмо, во кое ги посочил виновниците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа