МОН за дојавите за бомби: Кога ќе добијат закани училиштата да ја продолжат наставата онлајн

 

Дојавите за поставени бомби во училиштата, кои се праќаат на нивните електронски адреси од октомври минатата година, влеваат паника кај учениците, го нарушуваат менталното здравје и влијаат негативно на нивната социјализација, сметаат учесниците на трибина во рамки на научно-истражувачки проект на Универзиотетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје.

Трибината денеска се одржа во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје која е меѓу училиштата во главниот град кои денеска наутро добиле мејл со закана за поставена експлозивна направа, по што учениците од првата смена, како и во други наврати досега, се евакуирани од објектот. За да не се губат часови, учениците треба за еден час, колку што им е потребно да се вратат во нивните домови, да се приклучат онлајн за да ја следат наставата.

Министерството за образование и наука до директорите на училиштата во земјава испратило допис за итни мерки што треба да ги преземат за непречено реализирање на воспитно-образовниот процес во безбедна и стимулирачка работна средина.

МОН им укажува на основните и средните училиштата во општините насоки и начини на користење  електронски адреси, да ја зајакнат контролата за влез/излез на училиштата, во деновите кога има заканувачка дојава, училиштето да организира учење на далечина (онлајн-настава) наместо целосен прекин (распуштање) на наставата.

Александар Ангелковиќ, четврта година во гимназијата „Георги Димитров“, смета дека дојавите за бомби и загубените часови се голем проблем, особено за матурантите зашто ова е период кога треба да се подготвуваат за државната матура.

-Имаше пандемија од корона, па протест од професорите, но „бомбите“ се покажаа како најголем предизвик. Се надевам дека ова навреме ќе се преброди за соодветно да се реализира наставата и матурата и дека МОН и другите надлежни институции ќе дадат некое решение кое доцни. Би било добро да се земе помош од нашите партнери во НАТО и Европската Унија за да може да се преброди овој доста сериозен проблем, изјави Ангелковиќ, според кого одлуката за онлајн-настава ја носат надлежните и дека ако таа е единствена алтернатива верува дека ќе успее.  

Ректорот на Скопскиот универзитет Никола Јанкуловски, кој учествуваше на трибината „Безбедноста во училиштата - градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“, одговарајќи на прашањето какви идни студенти ќе има државава поради загубената настава во средно образование, рече дека тоа ќе се одрази, но дека пропуштеното може да се компензира.

-Мислам дека наставниците се ќе направат за да го надоместат изгубеното. Секако дека онлајн-наставата не е заборавена, УКИМ ја користи и за разни други намени. МОН треба да има стратегија за ова и мислам дека се подготвува за друг модалитет за настава ако овие работи се повторуваат. Но, секоја стратегија не е лесно да се направи, тоа си бара време и верувам во постоечката гарнитура на МОН дека бргу ќе се справи со овој предизвик, рече Јанкуловски. 

Проф. Марјан Ѓуровски смета дека треба да се размислува за комбинирана настава и да се разгледаат опциите поголем дел од наставниот процес да се врати на настава на далечина.

-Не смееме како општество да седиме со скрстени раце и само да вршиме проверка на дојавите на бомби, физички да ги изнесуваме учениците и потоа да ги враќаме назад затоа што овој проблем има два аспекта – безбедносен и образовен.  Сметам дека е време државата да ги разгледа сите варијации и опции за поголем дел од наставниот процес да се врати на електронското учење. Бидејќи ако оваа динамика продолжи, сериозно ќе биде доведено во прашање начинот на пренесување на знаењето и проверката кај учениците од основно, средно образование, но и кај студентите. Затоа треба да се разговара кај надлежните, во МОН и во сите други во овој сектор, да изнајдат механизам за комбиниран начин на изучување и проверка на знаењата, бидејќи знаењето сериозно ќе биде доведено во прашање ако имаме недостаток во образовниот процес, рече Ѓуровски.

Проф. д-р Татјана Стојановска-Иванова од Институт за социологија при Филозофскиот факултет на УКИМ смета дека зачестените дојави за бомби кои создаваат паника наметнаа ситуација што не е наивна зашто, рече таа, целиот образовен и воспитен процес е доведен во прашање и дека се случува морална деградација.

-Веќе неколку месеци вие немате нормално функционирање на целиот тој процес што подразбира, првенствено пренесување знаења, потоа го немате оној позначајниот сегмент - тоа е пренесување морални вредности. Довербата е клучна вредност, доверба во одговорноста кон институциите, одговорноста во самото образование. Како вие на младите генерации ќе им всадите вредности од типот на почит и одговорност кога гледаме дека со месеци нас ни се случуваат и повторуваат едни исти работи. Не смееме да имаме изгубени генерации коишто нема да имаат не само доволен фонд на знаење, ќе имаат еден вид морален и вредносен вакуум... Ова може да оди во недоглед. Што сега, ќе се враќаме повторно на онлајн-настава? Која е поентата на тоа, изјави  Стојановска-Иванова.

 Таа повика да се направи национална стратегија за безбедносните ризици што ќе ги опфати и кибер-нападите и кибер-насилството. Апелира во нејзиното креирање да се вклучат сите што се стручни и компетентни од практиката и од науката  за, како што рече, конечно да се овозможи нормално функционирање на образованието. 

23.02.2023 - 14:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега