Шаќири: Нов систем на финансирање за поквалитетно основно образование
Средствата што се издвојуваат за образованието од државниот буџет од година на година растат, но неопходно е да се промени начинот на нивна распределба, со цел да се подобри ефикасноста во трошењето, да се обезбедат доволно финансиски ресурси за да се исполнат образовните стандарди во училиштата, да се зајакнат резултатите од трошењето на средствата и да се обезбеди дека распределбата на средствата за општините и училиштата се заснова на објективни критериуми и е правична, рече министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на седницата на Комисијата за финансирање на општините, каде што беше претставен новиот систем на финансирање на основното образование според стандарден трошок од ученик.
Министерот појасни дека постојната формула за распределба на блок-дотациите за основно образование меѓу општините не тргнува од тоа колку средства им се потребни на училиштата за да обезбедат квалитетно образование за сите ученици и за исполнување на образовните стандарди соодветно на разните потреби на секое училиште. Дополнително, постојниот систем на финансирање не овозможува општините да добијат доволно средства за професионален развој на наставниците, средства за поголема инклузивност во училиштата, за превоз на учениците и задоволување на другите потреби.
„Новата формула има 4 компоненти, од кои првата, односно основната компонента, е заснована на трошоците од ученик. Со втората, варијабилна компонента, се обезбедуваат средства за превоз на учениците, како и за трошоци за ученици со посебни образовни потреби, за ученици од социјално загрозени семејства, како и за ученици што следат настава на јазик на помалите етнички заедници. Третата компонента обезбедува средства за општините во периодот на приспособување кон новата формула на финансирање. Последната е развојна компонента, која ќе ги поттикнува училиштата да ги подобруваат резултатите од година на година во согласност со конкретни параметри доколку сакаат да добијат повеќе финансиски средства“, нагласи министерот Шаќири.
Партнери на Министерството за образование и наука во овој сегмент на реформата на националниот образовен систем се Светската банка и УНИЦЕФ.
Обезбедувањето квалитетно образование, што ќе им овозможи на децата и младите луѓе да бидат на рамниште на своите врсници од развиениот свет, со знаења, вештини и компетенции, вклучува и оптимално трошење на расположливите финансиски средства.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа