Османи од Турција: Поддршка од ОБСЕ за зголемување на напорите за хуманитарна помош
Претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи, денес, заедно со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, оствари посета на Република Турција, која беше погодена од серија разорни земјотреси, во кои животот го загубија десетици илјади луѓе, а стотици илјади се повредени. Османи за време на посетата оствари работна средба со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, каде што ја изрази поддршката на ОБСЕ за Турција во надминување на катастрофалните последици со кои земјата се соочува.
„Мојата посета во Турција доаѓа во период на голема тага. Оваа катастрофа предизвика незамисливо страдање и болка за илјадници семејства и заедници во целата земја. Се надеваме дека повредените набргу ќе закрепнат и нашите мисли и молитви се со вас. Уште еднаш во името на ОБСЕ им изразувам сочувство на семејствата на жртвите што ги загубија животите во оваа трагедија“, рече Османи.
Во своето обраќање Османи ги истакна издржливоста и храброста на турскиот народ потенцирајќи дека целиот свет е обединет во солидарноста. Тој ја нагласи важноста на колективната одговорност за континуирано давање помош и поддршка на погодените од трагедијата.
„Би сакал да ја искористам оваа пригода за да им се заблагодарам на сите земји учеснички на ОБСЕ за нивната поддршка кон Турција во овие тешки времиња. Но, исто така сакам да оддадам почит и кон секој граѓанин на оваа планета кој го дал својот каков било придонес, без разлика колку е мал, бидејќи придонел во хуманитарните напори“, порача Османи.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи испрати порака дека треба да размислуваме и да работиме за иднината истакнувајќи дека тоа ќе бара колективна акција во наредните години. Тој најави дека ОБСЕ ќе продолжи да работи со сите земји учеснички за да се обезбеди помош најавувајќи уште поголем ангажман од страна на Организацијата и поддршка од фондовите на ОБСЕ.
„Турција изрази загриженост за отсуството на конкретни механизми од страна на ОБСЕ кога станува збор за одговор на катастрофи. Би сакал да ве уверам дека сериозно ги сфаќаме овие грижи и дека работиме на нивно решавање. Ни треба уште поголем ангажман од целата меѓународна заедница, вклучително и од ОБСЕ. Моето присуство овде денес, како претседавач со ОБСЕ, заедно со генералната секретарка Хелга Шмид, е доказ за нашата одлучност во овој поглед“, истакна тој.
Посетата ја искористи и да ја искаже благодарноста за граѓаните на нашата земја, кои организираа многубројни хуманитарни акции за поддршка на турскиот народ.
„Би сакал да ја искористам пригодата и да ја изразам мојата благодарност до луѓето од мојата земја, Северна Македонија. Тие покажаа огромна солидарност и отворени срца веднаш да дадат помош за турскиот народ. Владата и институциите испратија хуманитарна помош, специјални единици на терен и финансиска поддршка. Блиските односи меѓу Северна Македонија и Турција се изградени врз основа на силна доверба и заемно почитување“.
Османи истакна дека поддршката за Република Турција ќе продолжи и во следните денови и недели сè додека турскиот народ целосно не закрепне од оваа трагедија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа