Ангеловска-Бежоска - Зимер: Новото законско решение придонес за натамошно јакнење на финансиската стабилност
Новиот Закон за финансиска стабилност придонесува за натамошно јакнење на финансиската стабилност преку формално воспоставување на Комитет за финансиска стабилност, со кој претседава гувернерот на Народната банка, а има претставници од сите финансиски регулатори. Комитетот е надлежен за координирано следење на состојбите во финансискиот систем и преземање на активности за спречување или намалување на системските ризици. Народната банка тековно подготвува макропрудентна стратегија со која подетално ќе се утврдат макропрудентните цели, инструментите и показателите за следење на финансиската стабилност, а се очекува истата наскоро да биде донесена од страна на Комитетот. Ова беше истакнато на работна средба на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот, Фадил Бајрами со вршителот на должност заменик-амбасадор на САД во земјава, Кристофер Зимер и Јордан Дамчевски, сениор - економист во амбасадата.
На средбата, гувернерката истакна дека Народната банка минатата година донела макропрудентна мерка насочена кон натамошно јакнење на капиталната позиција на банкарскиот систем, односно вовела противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5 отсто. На почетокот на оваа година било воведено и дополнително барање за протицикличен заштитен слој на капиталот од 0,25 отсто. Овие мерки ќе придонесат за натамошно одржување на високото ниво на капитализираноста на банкарскиот систем кое тековно изнесува 17,7 проценти и е највисоко во последната декада. Капитализираноста е предуслов за солидна кредитна поддршка за економијата која минатата година оствари раст од 9,4 отсто, при висок раст на кредитирањето на корпоративниот сектор од 11,5 отсто.
На средбата беше разговарано и за изгледите за растот на македонската економија, пришто беше констатирано дека иако со последните проекции на ММФ се подобрени изгледите за раст на економијата на ЕУ, нашиот најголем трговски партнер, сепак ризиците околу проектираната патека на растот на домашната економија остануваат и ќе зависат главно од надворешното окружување.
На крајот беше изразена заложбата за понатамошно продолжување и продлабочување на соработката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа