Сослушани вештаците кои го изготвија супервештачењето за „Ласкарци“, судењето продолжува на 21 февруари
Со сослушување на вешти лица кои го изготвија супервештачењето за случајот „Ласкарци“ во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за автобуската несреќа што се случи пред четири години a во која загинаа 16 лица и повеќе од 30 беа повредени.
По две одложувања на процесот, поради болест на вештото лице Зекирија Зекири, кој и денеска не се појави, судењето продолжи со испитување на останатите вештаци од тимот што го изготвил машинското супервештачење.
При испитувањето на вештото лице Јованка Савова, обвинителот посочи на неколку грешки во супервештачењето за кои вештото лице рече дека станува збор за грешки од техничка природа.
Прашана дали може да потврди дека на сите примероци кои што ги доставиле до судот нејзиниот потпис е рачно ставен, таа одговори да.
- Јас се потпишав. За мене можам да кажам, сум се потпишала рачно, рече таа.
Во врска со прашањето дали ѝ е познато дека двајца од вештаците не се наоѓаат на страната објавена на веб-страната на Бирото за вештачење, таа одговори „не е моја работа како бирото работи“.
Потоа, обвинителот посочи на грешка во однос на името на еден од наведените автори во наведената користена литература и продолжи со испитување во однос на наодите во вештиот наод.
Најголемиот дел од прашањата се однесуваа на системот за сопирање и процентот на неговата ефикасност за успорување.
- Она што ние го заклучуваме во нашиот вешт наод е дека во почетокот на настанување на сообраќајната незгода не е активиран системот за кочење. Тоа се изјавите на сведоците кои возеле позади автобусот, а вториот елемент е зошто ние се врзуваме локациски за првата ограда. Тоа е онаа анализа на трагата каде што нема подолжна или бочна сила, што нѐ наведува на заклучокот дека до тука не е употребен системот на кочење, рече вештакот Иван Ѓаковски.
Прашани дали ќе се согласат дека трага на пат нема да остане ако коефициентот на успорување не е под 40 проценти, вештаците одговорија дека за тоа ќе се произнесат сообраќајните вештаци.
По барање на вештите лица, поради замор, и јавниот обвинител, како што рече, „поради неподнослива атмосфера во судницата“, Судечкиот совет ја прекина расправата. Следното рочиште е насрочено за 21 февруари.
Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, или не се компетентни за истото. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење. Супервештачењето пристигна во Кривичен во декември. Потоа настапи формално отпочнување на процесот по кое се започна со сослушување на вештите лица кои го изготвиле супервештачењето.
Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.
Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа