Адвокатот на жалителите во Стразбур: Нема простор за триумфализам кај Владата, судот не се изјасни за аболициите, туку за апликациите

 

Простор за триумфализам на Владата нема, а со решението на Стразбур не се одлучува дали важат или не важат аболициите дадени од претседателот Ѓорѓе Иванов. Вака адвокатот Влатко Илиевски за „Макфакс“ ја објаснува одлуката донесена од Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тој посочува дека откако Кривичен суд, Апелација, па на крај и Врховен суд ќе донесат пресуди за предметите, со што ќе се исцрпат сите правни лекови, ќе треба Стразбур да пресече за аболициите.

„Ова решение значи дека апликантите, односно жалителите треба да ги исцрпат прво тука сите правни лекови, пред националните судови за да можат по добивање на конечната пресуда, каква и да е таа, да одлучат дали ќе поднесат нова апликација во Стразбур или не. Оваа одлука денеска е решение, со оваа одлука не се решава мериторно по однос на суштината на барањето (поништувањето на дадените аболиции од Иванов) туку од процедурален аспект се одбива како преуранета. Од тие причини сметам дека нема простор за голем триумфализам кај Владата дека е одлучено во нивна полза. Едноставно треба да почека да се исцрпат сите правни лекови“, објаснува Илиевски за „Макфакс“.

Сепак, адвокатот посочува дека домашните судови ќе ги земат во предвид аргументите кои се дел од апликацијата доставена пред Стразбур, а во која се наведува дека еднаш дадена аболиција од претседател на држава, не може да се поништи и таа е важечка.

„Можам само да изразам надеж дека националните судови ќе ги земат во предвид сите аргументи кои беа изнесени во апликацијата и дека ќе ги имплементираат соодветно во пресудите кои што претстојат“, додава Илиевски за „Макфакс“.

Прашан дали решението значи дека не е одлучено по прашањето дали аболициите се важечки или поништени, адвокатот Влатко Илиевски вели: „Да, не се одлучува по однос на тоа прашање“.

Претходно, Судот за човекови права во Стразбур донесе решение, во кое посочува дека апликациите за дадените и поништени аболиции од претседателот Ѓорге Иванов за четирите случаи на Специјалното јавно обвинителство се преуранети. Ова е донесената одлука во форма на решение наместо пресуда по шест години од апликацијата. Според Стразбур, во тек се судските процеси за четирите предмети, па сметаат дека тие може да донесат пресуда откога ќе се исцрпат сите правни лекови во Македонија.

16.02.2023 - 11:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега