Венизелос: Економската криза не го погодува прашањето за името

 

 

Меѓународната тројка кредитори на Грција ја одложиle својата мисија во Атина за следниот месец и ги замрзнаle исплаќањата на траншите од кредитот во вредност од една милијарда евра, затоа што грчките власти не ги спровеле бараните реформи.

- Техничките разговори ќе продолжат следната недела и се надеваме дека преговорите ќе можат да бидат обновени во текот на следниот месец, доколку властите постигнат напредок во спроведувањето на реформите, истакна портпаролот на еврокомесарот за економски прашања Оли Рен.

Веста дека кредиторите ја замрзнале помошта пристигна во исто време додека грчкиот Парламент го усвојуваше рестриктивниот Буџет за 2014 година, со кој е предвидено намалување на државните трошоци од 3,1 милијарда евра. Владата на Самарас ја доби поддршката од мнозинството пратеници, а во својот говор грчкиот премиер истакна дека „буџетот на Грција за 2014 година ќе претставува вистинска револуција во економската сфера“.

Грција во моментов ја мачат и крупните национални прашања како што е Кипар и името на Македонија. Новинар од Реал Њуз, пренесува МИА, му поставил прашање на министерот за надворешни работи Венизелос, дали економската криза влијае и врз националните прашања. Венизелос категорично одговорил дека тоа не е точно.

- Еден меѓународен играч не сака и не се осмелува да ги поврзе економските барања за помошта на земјата со надворешната политика. Можеби затоа што сите добро знаат каква ќе биде нашата реакција, одговори тој.

Венизелос утре ќе оствари средба со министерот за европски прашања на Франција Тиери Репентин, на која се очекува и Македонија да биде на дневен ред.

Премиерот Груевски во последното интервју за „Фајненшл Тајмс“ изјави дека очекува големите сили да извршат притисок врз Грција да ги почитува одлуките на Меѓународниот суд на правда, кој пресуди дека таа згрешила кога го блокираше членството на Македонија во НАТО. 

08.12.2013 - 14:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега